По сериозната криза со загадувањето на водата за пиење во Гостивар, организацијата „Новинари за човекови права“ упати Национален повик за итна заштита на правото на вода, јавното здравје и безбедното водоснабдување.
Повикот е адресиран до Владата, Собранието, надлежните министерства и инспекторати, здравствените институции, општините и јавните комунални претпријатија, Народниот правобранител, меѓународните организации, граѓанскиот сектор, академската заедница и медиумите.
Од организацијата предупредуваат дека состојбата во Гостивар не смее да се третира само како локален комунален дефект, туку како сериозна криза на јавното здравје, човековите права, животната средина, институционалната одговорност и довербата на граѓаните.
Владата на 21 јули прогласи 30-дневна кризна состојба во Општина Гостивар, со образложение дека локалната самоуправа не може самостојно да се справи со последиците и дека е неопходна побрза координација на институциите. Обвинителството отвори истрага против три лица поради сомнение за загадување на водата за пиење, а здравствените анализи укажале на присуство на фекално загадување.
Правото на вода е право на живот и достоинство
Во Националниот повик се нагласува дека безбедната вода не е услуга што институциите можат да ја обезбедуваат по сопствена проценка, туку основно човеково право и предуслов за остварување на правата на живот, здравје, храна, образование, работа, домување, достоинство и еднаквост.
„Обврската на државата не завршува со постоењето на водоводна мрежа. Таа вклучува спречување на загадувањето, постојан надзор, навремено информирање, итно алтернативно снабдување, санација и утврдување одговорност“, се наведува во повикот.
Случајот во Гостивар, според иницијаторите, треба да биде предупредување за целата држава и повод за национална проверка на безбедноста на јавните водоводи, дозволите, санитарните зони, резервните извори и плановите за итни ситуации.
Конкретни барања со рокови
Во рок од 24 часа се бара да биде назначено единствено координативно тело, да бидат објавени сите лабораториски резултати и да се издаде јасно упатство за употребата или забраната на водата на македонски, албански, турски и ромски јазик.
Исто така, се бара воспоставување бесплатна телефонска линија и приоритетно снабдување со безбедна вода на болниците, амбулантите, градинките, училиштата, домовите за стари лица и установите за социјална заштита.
Во рок од 72 часа треба да се обезбеди доволна и континуирана дистрибуција на вода за пиење, готвење и одржување хигиена, да се објават локациите и распоредот на пунктовите и да се организира достава до неподвижните лица, лицата со попреченост, старите лица, самохраните родители и домаќинствата без превоз.
Повикот бара и формирање независна мултидисциплинарна експертска група составена од инженери, епидемиолози, микробиолози, токсиколози, хидролози и експерти за човекови права и родова еднаквост.
Независен аудит и национален протокол
Во рок од седум дена се бара детален план за санација на водоводниот систем и независен санитарно-технички увид на целата траса — од изворот и зафатот, до резервоарите, пумпните станици и дистрибутивната мрежа.
Во рок од 30 дена треба да се спроведе независен технички и безбедносен аудит на водоводниот систем во Гостивар, да се започне национална проверка на сите јавни водоводи и да се усвои привремен Национален протокол за водни кризи.
Се бара и финансиски план за надоместување на трошоците и штетите што ги претрпеле домаќинствата и деловните субјекти.
Најмалку 15 литри вода дневно по лице
Во итната фаза, според минималните принципи наведени во повикот, секој граѓанин треба да добива најмалку 15 литри вода дневно, а во урбана средина планирањето треба да се движи кон 50 литри по лице.
Најблискиот пункт за вода треба да биде оддалечен помалку од 500 метри од домаќинствата, времето на чекање да биде пократко од 30 минути, а водата во кризата да биде бесплатна.
Посебен приоритет треба да имаат децата, бремените жени, лицата со попреченост, старите лица, хронично болните и здравствените установи.
Жените и ранливите групи се најпогодени
Во документот се посочува и родовата и интерсекционалната димензија на кризата. Жените најчесто го преземаат најголемиот дел од неплатената грижа во домаќинството, вклучително и обезбедувањето вода, подготовката на храна и грижата за деца, болни и стари лица.
Посебно изложени се бремените жени, доилките, децата, самохраните родители, лицата со попреченост, сиромашните семејства, ромските заедници и жителите на руралните и оддалечените населби.
Поради тоа, пунктовите за дистрибуција треба да бидат осветлени, безбедни и пристапни, со посебна организација или достава за ранливите лица.
Повик за меѓународна и граѓанска поддршка
Доколку домашните капацитети не се доволни, од Владата се бара да побара техничка и оперативна помош од UNECE, СЗО/Европа, Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, UNICEF, UNDP и другите релевантни партнери.
„Новинари за човекови права“ ги повикува еколошките, здравствените, женските, ромските, младинските, хуманитарните и организациите за човекови права да се приклучат кон заедничка Платформа за безбедна вода и да учествуваат во независен граѓански мониторинг.
„Безбедната вода не е привилегија. Таа е право. Бараме институционално решение, а не импровизација. Бараме транспарентност, а не задржување информации. Бараме еднаков пристап за сите“, се наведува во Националниот повик.
Ф.Спировски

