По реакциите на планинарите и потпишување на петицијата против забраната за движење во шума, МЗШВ, во стилот на „пу пу не важи“, информира дека оваа забрана не важи за движење на Водно, Гази Баба, како и националните паркови

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски на прес-конференцијата истакна дека мерката за забрана во шумите не е целосна, туку делумна и е донесена заради спречување на шумските пожари. – Мерката која што е донесена се води како делумна забрана и што значи сето ова. Само да напоменам, најверојатно кога граѓаните реагираат не ги знаат податоците или не ги интересираат многу анализите. Само во последните 30 дена во овој период во кој многу од граѓаните се чудеа зошто е донесена бидејќи имавме и снег по планините и повисоките места, имаме 25 шумски пожари. Делумната забрана за движење е токму за да се заштитат шумите од пожарите, рече Димковски. Димковски информира дека сите оние лица кои имаат потреба од извршување на економски активности во шумата како што се собирање на шумски билки и печурки, но и планинарите преку планинарките друштва, треба да се пријавуваат во подружниците на „Национални шуми“ во градовите и добиваат дозволи за движење. Тој посочи дека ова мерка се однесува само за шуми со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“ и не ги опфаќа заштитените подрачја Водно, Гази Баба и другите национални паркови.

– Токму Водно бидејќи е карактеризирано како заштитено подрачје, односно парк шума, и не само Водно, истиот случај е и со шумата во Гази Баба, кадешто овие не подлегаат под ова забрана бидејќи со нив не стопанисува ЈП „Национални шуми“ и тие воопшто не се влезени во ова забрана. Движењето е слободно, но имајќи ги на ум сите рестриктивни мерки коишто ги донесе Владата, рече Димковски.

Но, од неформалната Фејсбук група против забраната за движење низ шуми велат дека забраната важи за пешеачење/планинарење на  Скопска, Јакупица, Шара , Осогово, Стогово …. односно онаму кде и фреквенцијата е помала, и каде на некој начин е полесно да се организра социјално дистанцирање, за разлика од Водно каде има периоди од денот кога граѓаните не можат да се разминат.
Исто така од оваа неформална група велат дека начинот за добивање дозволи не е добар. Тие реагираат бидејќи системот не е дигитализиран, и во услови на пандемија е апсурд да оди човек таму и да чека да му издадат дозвола. Исто така реагираат дека   треба пред секое одење на планина да се вади дозвола и ако сакаат да одат, на пример, 2 пати на скопска од понеделник до петок, претходно ќе треба да одат во нивните институции и да чекаат да ми издадат дозвола на хартија…
Н.С.