Додека милиони гледачи ги следат натпреварите на Светското првенство, еден навивач од трибините стана вистинска интернет сензација. Меѓу илјадниците фанови на репрезентацијата на Демократска Република Конго, вниманието го привлече човек кој стои цел натпревар неподвижно, како статуа.
Станува збор за Мишел Мболадинга, попознат како Лумумба Веа. Неговата необична појава првпат го привлече вниманието на јавноста за време на Африканскиот куп на нации, а денес е препознатлив симбол на конгоанската навивачка страст. Додека сите околу него пеат, скокаат и слават, тој останува во иста поза од првата до последната минута на натпреварот.
Но причината за тоа е многу подлабока од обичен навивачки перформанс.
Мболадинга со своето стоење му оддава почит на Патрис Лумумба, еден од најзначајните историски личности во Конго и симбол на борбата за независност. Неговата поза е инспирирана од познатиот споменик подигнат во чест на Лумумба, кој беше убиен во 1961 година во периодот на политичките превирања по стекнувањето на независноста на земјата.
Токму затоа навивачот останува неподвижен цели 90 минути – како „жив споменик“ кој потсетува на жртвата и наследството на човекот што многумина во Конго го сметаат за национален херој.
Неговите фотографии и видеа станаа вирални на социјалните мрежи, а многумина го нарекоа „најверниот навивач на Светското првенство“. Додека фудбалот ги обединува луѓето ширум светот, приказната на Лумумба Веа покажува дека понекогаш на трибините се кријат подеднакво силни приказни како и оние на теренот.
Ф.С.

