Лидерите на двете најголеми политички партии – Зоран Заев и Христијан Мицкоски се негативни на коронавирус, тие остануваат во домашна изолација, а сите оние кои што досега имале контакт со нив со оглед на тоа што двата резултати се нагативни, не се во никаков ризик – не треба да се тестираат, ниту треба да се самоизолираат, соопшти на денешната редовна прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
По првичниот контакт пред една недела на двајцата политички лидери со новинарот и уредник на Канал 5, Гоце Михајлоски, кој е позитивен на коронавирусот, според информациите кои ги соопштија од Канал 5 уште четворица колеги од телевизијата веќе се во самоизолација.
Образложувајќи зошто тестовите на Заев и Мицкоски биле готови многу побрзо за разлика од другите граѓани, Филипче рече дека тоа е направено од превентивни причини оти тие како лидери на двете најголеми политички партии имаат секојдневни контакти, вклучувајќи и со претставниците на медиумите.
Коментирајќи го случајот во Велес од пред неколку дена кога беа пронајдени тела на мајка и син починати во јануари, а кај едниот починат беше изолиран коронавирусот, тој не ја исклучува можноста вирусот да бил присутен во земјава во периодот кога имаше интензивен број заболени од грип, а пред официјално да се детектира првиот случај на КОВИД-19.
„Не е исклучена можноста вирусот да бил присутен во нашата земја и порано, посебно имајќи во предвид што излегуваат сѐ повеќе публикации дека има и асимптоматски носители на вирусот“, рече Филипче.
Филипче на прашањето на „техт.мк“ дали се размислува за терапија со крвна плазма за која се понуди и еден од заболените лекари во земјава, посочи дека терапијата со крвна плазма заради антитела може да дадат само ковалесценти. Направен е протоколот кој се разгледува во Медицинскиот факултет, иако според него, тоа е терапија која не може да помогне секаде, но секако за поздравување е секој кој се нуди да биде дел од тој програм.
Филипче анализирајќи ја состојбата со вирусот во изминатото деноноќие соопшти дека тројца оздравени пациенти испишани од Инфективната клиниката, примени се двајца нови пациенти, со што во моментов хоспитализирани се 66 пациенти, од нив 8 се на механичка вентилација.
Во ГОБ „8ми Септември“ хоспитализиран е 21 пациент. Од нив, 6 пациенти се наоѓаат на респираторна машина, со тешка форма на манифестација на болеста. Во битолската болница хоспитализирани се 4 пациенти пациенти – тие се добри и стабилни со лесна форма на болеста. Се пратат пациентите коишто се на домашно лекување.Во болницата во Штип примени се уште 4 пациенти. Вкупниот број на пациенти е 8, тие имаат лесна форма на болеста.
Во изминатите 24 часа направени се досега рекорден број на тестови, вкупно 496. Потврдени се 48 лица, вкупно во земјата дијагностицирани се 711 случаи. Досега направени се вкупно 7067 тестирања на Ковид-19 вирусот.
Четиримесечното бебе позитивно на вирусот кое се наоѓа на Инфективната Клиника е стабилно е. За неговата состојба секојдневно се консултира и педијатар, рече Филипче.
-Починатиот притвореник во истражниот затвор во Шутка, којшто престојувал од 8 март, немал симптоми на Ковид – 19. Меѓутоа истиот е постмортем дијагностициран. Направени се интензивни прегледи од лекарски тимови. Тие продолжуваат и во текот на утрешниот ден и во недела. Земени се голем број на тестови, а ќе се изанализираат и клинички прегледаат сите луѓе кои се таму, вклучително и персоналот-вработените во затворот – соопшти министерот за здравство Филипче.
Тој соопшти дека вработена во Агенција за храна и ветеринарство е позитивна на вирусот, таа повеќе од една недела не е на работа, односно од 2 април е дома заради ротацијата на тимовите организирана во смисла на внатрешното функционирање на институцијата. Седум колеги коишто биле во контакт со заболената се во домашна изолација, а во објектот во институцијата се работи на детална дезинфекција и чистење.
Во кумановската болница денеска увид направил државниот секретар во министерството за здравство и претседателот на Комисијата за заразни болести, за да се организира работата во оној дел дел каде има што има дијагностирирани нови заразени вработени, а кои биле во самоизолација. Филипче посочи и дека е направен целосен распоред и оти болницата во Куманово во претстојниот период ќе биде целосно функционална, а ако има потреба од растеретување од зголемен број на пациенти, тие ќе бидат упатувани во здравствените установи во Скопје.
Ваквата состојба нема да трае долго доколку сите се придржуваат до мерките, посочи Филипче додавајќи оти е важно што има линеарен пораст на бројот на пациенти со што успешно се амортизира ударот во однос на бројот на пациенти кои се примаат во здравствените институции.
-Постојано ја следиме состојбата, одлуките ги носиме согласно состојбата, а крајната цел е што повеќе да го намалиме ризикот по здравјето на секој поединец и здравјето на сите граѓани – рече Филипче. А.Р.