Секоја година на 28 Мај, светот го одбележува Меѓународен ден за менструална хигиена со цел да се подигне свеста за мааната од менструалната сиромаштија, пристапот до хигиенски производи и потребата од достоинствени услови за менструално здравје. Денот има за цел да ја отвори јавната дебата за темата која сè уште е опкружена со стигма и молк, и да поттикне институционални решенија што ќе обезбедат еднаков пристап за сите девојки и жени.
По тој повод, денес во Северна Македонија, Новинари за човекови права одржа прес-конференција на која беше презентиран најновиот извештај за менструална хигиена, пристап до менструални производи и условите со кои се соочуваат жените и девојките во земјата.
Програмската директорка Наташа Доковска и Азрета Таировска од Новинари за човекови права ги презентираа резултатите од истражувањето спроведено на примерок од 2.700 испитанички, како и новата иницијатива – Menstrual First Aid Kit, пакет за прва менструална помош кој се предлага да биде достапен во училиштата, факултетите и јавните институции.
Истражувањето покажува загрижувачки податоци за менструалната сиромаштија и институционалната неподготвеност:
- 55.6% од испитаничките изјавиле дека некогаш пропуштиле училиште или работа поради менструација;
- Истиот процент смета дека санитарните услови не се соодветни за безбедно и достоинствено справување со менструалната хигиена;
- 11.1% немаат редовен пристап до менструални производи, додека кај 3.7% пристапот е повремен и несигурен;
- 77.8% никогаш претходно не слушнале за Menstrual First Aid Kit;
- Сепак, повеќе од 90% од испитаничките изразиле подготвеност да користат ваков пакет доколку биде достапен.
Од организацијата посочија дека менструалното здравје не е само лична или здравствена тема, туку прашање на човекови права, образование и еднаквост. Недостапноста на производи и несоодветните санитарни услови директно влијаат врз присуството на девојките во образованието, нивната самодоверба и секојдневно функционирање.
„Menstrual First Aid Kit“ е замислен како практично и брзо решение кое ќе содржи основни менструални производи и средства за хигиена, со цел ниту едно девојче или жена да не остане без поддршка во момент кога ѝ е најпотребна.
Од Новинари за човекови права апелираат институциите, училиштата и локалните самоуправи системски да пристапат кон решавање на менструалната сиромаштија и да овозможат достоинствени услови за сите.
А.Н.


