Министерот за здравство Венко Филипче вечерва набрзо по премиерот Оливер Спасовски, соопшти дека и неговиот тест за коронавирусот е негативен.
-Штотуку ме информираа дека мојот резултат на тестирањето за ковид-19 е негативен. Иако според проценката на епидемиолозите јас не бев во ризик, сепак одлучив да останам во самоизолација. Негативниот резултат го добивам на осмиот ден од самоизолацијата во која останувам до истекот на инкубациониот период од 14 дена. Сите мои активности и управувањето со кризата со коронавирусот во земјата и во изминатата недела се одвиваат непречено. Редовно одржувам он-лајн состаноци со Комисијата за заразни болести, моите колеги, институциите, медиумите и владата. Така ќе биде и во наредната недела – соопшти на својата официјална фејсбук страна Филипче.
Тој им заблагодари на сите граѓани на поддршката и уште еднаш потсети дека личната одговорност е предуслов за колективното здравје и оти почитувањето на мерките до сега дава добри резултати. Како што рече Филипче, ако останеме доследни на ова и се прилагодиме кон промените, многу побрзо ќе ја надминеме оваа состојба. А.Р.