Ќе се разгледува продолжен полициски час за првомаските празници на утершната владина седница, по мислење на Комисијата за заразни болести, како што беше за велигденските празници – од четврток вечерта до понеделник наутро. Ова е предлог кој министерот за здравство Венко Филипче утрово го доставил до Координативниот кризен штаб на Владата, а го соопшти на денешната редовна прес-конференција.
-На утринскиот состанок на штабот јас го изнесов мислењето од состанокот на Комисијата за заразни болести, која со консензус смета дека викендов треба повторно да биде целосно затворен, како што беше за Велигден, од четврток навечер до понеделник наутро. Но, да нема забуна, тоа е само предлог, утре на владина седница ќе се донесе конечна одлука – рече министерот Филипче.
Според Филипче, предлогот за продолжување на забраната за движење се темели на стручни мислења и има медицинска издржаност, а според последните анализи на Комисијата проценките за пикот на заболени се очекува да се движи од 1600 до 1800.
„Видов реакции на министерот Чулев, сметам дека не треба да станува збор за какво било лично мислење или некаква тенденција да се пренесе некакво мислење или став или желба на која било група граѓани, затоа што сите овие мислења се темелат на стручните мислења на Комисијата за заразни болести. Секако, граѓаните не сакаат да седат дома, но има причина зошто тоа е предложено“, изјави Филипче.
Како што информираше тој,од денеска во ГОБ „8 Септември“ е пренесен апаратот за т.н. озонска терапија, озонирање на крвта. Анестезиолозите од оваа болница врз основа на анализата и литературата заклучиле дека вреди да се направи обид и оваа терапевтска мерка да се аплицира кај овие пациенти, така што од овие денови започнува и оваа апликација. Станува збор за метода со која што се озонира една одредена количина на крвта која што се вади и потоа таа истата се враќа во неговата циркулација, појасни Филипче.
-Утре е закажана и првата екстракција на плазма која што исто така ќе се користи за третман на овие пациенти – додаде тој.
Во текот на утрешниот ден или задутре во Центарот за јавно здравје Велес ќе биде назначен нов директор со оглед на пропустите кои беа детектирани во работата на овој центар, рече министерот Филипче, а посочи и дека цените на јавното претпријатие Бутел за закоп на починати од коронавирус ќе бидат намалени.
На прашањето на ТЕХТ.МК за начинот на кој ќе се организира школската година и запишувањето на ученици, Филипче посочи дека Министерството за образование и наука интензивно работи на тоа. Како што рече, Комисијата на заразни болести има подготвено препораки не само за тоа како да се организира наставата туку и за другите едукативни курсеви, симпозиуми, со одржување дистанца.
– Треба заедно сега во оваа следна фаза со претставници на МОН сето тоа се го споделиме, да се кажат нашите аргументи, со цел во периодот што доаѓа ние да бидеме спремни за следната учебна година, или што и да се одлучи да може да се одвива наставата на соодветен начин, не како досега со оној густ распоред за седење, не само за овие институции туку и за јавниот превоз, и за фабриките и за рестораните…- појасни Филипче.
На прашањето дали има доволно единици крв на Трансфузиологија, Филипче рече дека постојано е во комуникација со директорот на Институтот, и според табелите кои ги добива од него, резервите се сосема доволни, и како што рече, не отстапуваат во однос на истиот период минатата година.
Министерот рече дека двете недели од неговата изолација му истекуваат во четврток, и тогаш ќе треба повторно да се тестира, а на информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски се тестирал во Центарот за јавно здравје Куманово и има негативен резултат со што завршува со карантинот и може да се врати на работа во четврток, Филипче истакна дека треба да се почитуваат решенијата на ДСЗИ кои се издадени со медицинска причина и треба да траат толку колку што е тоа препишано. А.Р.