Со првата работилница во просториите на општина Кисела Вода, Здружението за значењето на еколошкото образование во осовременување на образовниот процес ЗЕОООП, и Балканска Водена Мрежа – канцеларијата во Северна Македонија го започнаа проектот „Преку Архус и Мастрихт до Еколошка Транспарентна Информација – ПАМЕТИ!“ со цел да се едуцираат граѓанските организации, заедниците на станари и општинските работници за трите столба на Архуска конвенција.
-Проектот ќе се спроведува во 3 општини – Кисела Вода, Аеродром, и Шуто Оризари. Покрај општинските службеници ќе бидат опфатени и претставници на ГОи и на Заедниците на станари од таргетираните општини. Во период од шест месеци предвидени се низа активности од кои даваме акцент на обуките за Архуската конвенција која има три столба, за кои ќе говорат избрани обучувачи. Би сакала да издвојам дека Архуската конвенција е една од главните светски алатки за правото на здрава животна средина ратификувана ид Собранието на РСМ на 01.07.1999 и целосно транспонирана во законот за животна средина. На наше задоволство основан е Архус центар во Скопје од Здружение за одржлив развој Милиеуконтакт Македонија – рече Александра Петровска од здружението ЗЕОООП најавувајќи ги проектните активности.
Долгорочно проектот има за цел целосна имплементација на трите столба од Архуската Конвенција на локално ниво, додека краткорочни цели се: проширување на знаењата и стекнување на нови вештини за Архуската Конвенција и Препораките од Мастрихт за учество на јавноста во донесувањето на одлуки, на вработените во јавната администрација, (секторите за животна средина) граѓаните и претставници на локалните ГО; претставници на локалните граѓански организации и заедници на станари да се здобијат со вештини за мониторинг на пристапот, разбирањето и критичката перцепција на јавната администрација во однос на имплементација на Архуската Конвенција и Препораките од Мастрихт.
-Зошто се одлучивме за Архус и зошто е важен овој проект? Верувам дека последниве недели сте свртени кон информацијата за одлука на Управен суд за реактивирање на рудникот Иловица и тоа во време на вонредна состојба без јавно објавување на оваа одлука, а тоа доволно говори дека Архуската конвенција во однос на нејзината имплементација бш не се спроведува кај нас. Ние одлучивме преку овој проект да ги едуцираме граѓанските организации, претставниците на заедниците на станари и службениците во таргетираните општини што треба да направат да не се изгубат во лавиринтите на овие информации кои се многу важни како за граѓаните така и за државата – рече Наташа Доковска Спировска од Балканската Водна Мрежа.
Како што посочи Доковска Спировска, целта е преку едукацијата на граѓаните за нивните права да се дојде до нивно остварување, посебно во услови кога еколошките катастрофи не се глобален туку стануваат се повеќе локален проблем .
Од денеска три дена во трите таргетирани општини ќе се одржуваат работилници за едукација на невладините организации за трите столба на архуската конвенција: пристап до информации, учество на јавноста и пристап до правда, со обучувачите Андреа Накова и Нена Дејанова Сарагинова.
Проектот „Преку Архус и Мастрихт до Еколошка Транспарентна Информација – ПАМЕТИ!“ се одвива во рамки на проектот „Градење на капацитетите на граѓанските организации за животна средина за зголемување на демократските процеси во Македонија“, спроведуван од Здружение за одржлив развој Милиеуконтакт Македонија и Здружение на инженери за животна средина – Развојна Програма. А.Р.
Текстот е дел од проектот ЕКО Едукација за новинари“, поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање