петок, декември 20, 2024
домаЖивотЗдравјеНаучници: Можно е короната да го оштетува нервниот систем

Научници: Можно е короната да го оштетува нервниот систем

Коронавирусот може да предизвика оштетување на нервниот систем, тврдат авторите на студијата за невролошки компликации забележани кај пациенти со Ковид-19. Тие посочија дека невролошките проблеми се првите и главните симптоми на инфекција со коронавирус кај некои пациенти и ги предупредија лекарите да обрнат внимание на тоа.

Лекарите можеби не се свесни за симптомите на сериозно и потенцијално фатално оштетување на мозокот предизвикано од корона вирусот, кои се јавуваат кај поблаги случаи на инфекција или кај пациенти кои се опоравуваат од оваа болест, предупредуваат научниците.

Невролозите денес објавија студија во списанието „Мозок“ (Brain) за компликации забележани кај над 40 пациенти со Ковид-19 во Велика Британија, кои се движат од воспаление на мозокот и делириум до оштетување на нервите и мозочен удар.

Во некои случаи, невролошките проблеми беа првите и главни симптоми на Ковид-19, објави лондонскиот Гардијан.

Авторите на студијата откриле зголемување на акутниот демиелинизирачки енцефаломиелитис (АДЕМ), болест опасна по живот, по првиот бран на пандемијата ја погоди Британија.

Пред пандемијата, забележан е еден заболен од оваа болест во текот на еден месец, додека во април и мај, потврдениот број на лица кои страдаат од АДЕМ на неделна основа е двајца или тројца.

Студијата покажува дека 12 пациенти заразени со коронавирус имале воспаление на централниот нервен систем, десет имале заболувања на мозокот со делириум или психоза, осум имале мозочен удар, а осум други имале проблеми со периферниот нервен систем, главно синдром Гилен-Баре, автоимуна болест која ги напаѓа нервите и предизвикува парализа, што доведува до смрт во пет проценти од случаите.

Мајк Занди, водачот на тимот што го спроведе истражувањето, тврди дека начинот на кој корона вирусот го напаѓа мозокот не е виден досега кај други вируси. Тој посочи дека АДЕМ има одредени сличности со мултиплекс склероза, но е многу посериозна, а човек честопати се разболува од оваа болест одеднаш. Некои пациенти може да станат трајни инвалиди поради оваа болест, додека други може да закрепнат без последици.

Кај некои пациенти, коронавирусот оставил долгорочни последици дури и по заздравувањето, како што се краток здив, замор, мускулна вкочанетост, слабост и проблеми со меморијата.

Студијата исто така споменува 55-годишна пациентка без историја на ментални нарушувања, која започнала да халуцинира откако била заразена со коронавирус. Затоа оваа жена повторно била примена во болница, по што нејзината состојба се подобрила со антипсихотична терапија.

Занди посочува дека тимот што стои зад студијата сака лекарите ширум светот да бидат свесни за овие компликации на Ковид-19. Тој рече дека се чини дека Ковид-19 има негативен ефект врз мозокот, но дека се потребни дополнителни истражувања на оваа тема, од кои досега имало многу малку, со оглед дека многу пациенти се премногу болни за да одат на скенирање на глава и други тестирања.

Научникот е загрижен дека коронавирусот може да доведе до благо оштетување на мозокот кај помал дел од населението, што би станало забележливо само во следните години, што е можно да се случило по пандемијата на шпанскиот грип во 1918 година.

Занди се надева дека тоа нема да се случи, но истакна дека тоа е нешто за што луѓето мора да бидат подготвени, со оглед на обемот на пандемијата на коронавирус. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ