Екстремна сиромаштија се заканува на десетици милиони луѓе во Африка

0
141

Во Африка им се заканува екстремна сиромаштија на околу 50 милиони луѓе, како резултат на економските последици од епидемијата на коронавирус, проценува Африканската банка за развој во новиот извештај.

Според претходните проценки, една третина од Африканците, или 425 милиони луѓе живеат под прагот на сиромаштија (со помалку од 1,90 долари на ден), но влијанието на пандемијата на коронавирус би ја влошило ситуацијата, се вели во извештајот на банката под наслов „Економска перспектива во Африка“ .

По Океанија, Африка е најмалку засегната од коронавирусот. На континентот се заразени околу 500.000 луѓе, од кои 11.700 починале. Сепак, Африка е погодена од светската економска криза предизвикана од пандемијата на коронавирус.

„Помеѓу 28,2 милиони и 49,2 милиони Африканци би можеле да почувствуваат екстремна сиромаштија“ оваа и следната година, соопшти банката, додавајќи дека меѓу 24,6 и 30 милиони луѓе би изгубиле работа во текот на годината.

Нигерија, која има најголем број на население (околу 200 милиони), се очекува да биде најтешко погодена од сиромаштијата, се додава во извештајот, истакнувајќи дека екстремната сиромаштија би можела да ја погоди и Демократска Република Конго. А.Н.