понеделник, ноември 25, 2024
домаЖивотРезултатите од истражувањето на „Меѓаши“ покажува дека над 50 отсто од родителите...

Резултатите од истражувањето на „Меѓаши“ покажува дека над 50 отсто од родителите најбезбеден услов за спроведување на образовниот процес е рангирана „Онлајн – наставата, доколку Владата забрани одржување настава во училиштата поради зголемен број на заразени“

Во период од 22.07.2020 година до 03.08.2020 година, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ спроведе квантитативно онлајн Истражување за ставовите и искуството на родителите/старателите за методите на организирање на образовниот процес на децата за учебната 2020/2021 година. Од индикативните наоди добиени од одговорите на родителите/старателите на децата, поврзани со нивните ставови и мислења за методите и начините на организирање на образовниот процес на нивните деца за учебната 2020/2021 година, издвојуваме:

Најважно на родителите им е здравјето и безбедноста на децата (како услов го истакнале 26% од испитаниците), понатаму хигиената и дезинфекцијата на училишните простории (за 23,4% од испитаниците) и помал број на ученици во една просторија и држење на дистанца/мерки на заштита (22,3% од испитаниците).  

Како најбезбеден услов за спроведување на образовниот процес е рангиран „Онлајн – настава, доколку Владата забрани одржување настава во училиштата поради зголемен број на заразени“ од страна на половина или 50,8% од испитаниците. „Комбинирана настава од онлајн – настава и настава во училиште со намален број присутни ученици и со сите запазени протоколи за безбедност во училиштата“ е најчесто второ рангиран услов и тоа од 44,7% од испитаниците, а најчесто како трето-рангиран услов е условот  „настава во училиште за сите деца распределени во помали групи, кои ќе одат во смени со сите запазени протоколи за безбедност во училиштата“ и тоа од 35,3% од испитаниците

Повеќе од две третини од родителите/старателите (68,7% од испитаниците) прифаќаат т.е. би избрале паралелен пристап-комбинирана настава со физичко присуство и онлајн-настава. При тоа, секој од родителите/старателите истакна, независно од тоа дали е за комбиниран пристап или за онлајн настава, дека никако не би поддржале настава со физичко присуство на нивните деца ако има голем број на заразени.

Испитаницие имаа можност да искажат свој став дали би потпишале согласност нивното/ите дете/деца да имаат можност да одат на училиште под услови: МОН да предложи децата да одат во училиште со подобрување на условите на хигиена во училиштето, почитување на препораките од Владата и Комисијата за заразни болести и редуциран број ученици во училница со најмалку 2 метри оддалеченост. Според дадените одговори, нешто повеќе од една половина од испитаниците (52,4%) би потпишале согласност нивното дете/деца да одат на училише секој ден. Повеќе од една четвртина или 26,9% од испитаниците не би потпишале согласност нивните деца да одат на училиште сè додека трае епидемијата на Ковид-19, а една петтина или 20,6% би потпишале согласност нивните деца да следат комбинирано настава, со физичко присуство во училиштата секој втор ден, а останатиот дел од наставта да биде онлајн.

На прашањето за тоа како треба да биде организирана наставата од септември, 2020 година доминираат предлози за онлајн и комбинирина настава.

Во однос на можностите да им помогнат на своите деца во совладувањето на наставните содржини, половина од испитаниците (49,9%) се произнеле дека делумно имаат време и можност да им помогнат на своите деца во совладување на наставните содржини. Една третина од испитаниците (33%) се изјасниле дека имаат време и можност да им помогнат на своите деца во совладувањето на наставните содржини. Од вкупниот број испитаници, 16,7% се произнеле дека не можат т.е. немаат време и можност да им  помогнат на своите деца во совладувањето на наставните содржини

Најголема загриженост доколку се започне со физичко одење во училиште, за 39,7% од испитаниците претставуваат опасности на патот до училиште и враќање дома (автобус,  дружење после часовите и сл.) . Голема загриженост за 30,7% од испитаниците предизивикува и несоодветен број деца во една училница. Најмала загриженост покажуваат 33,5% од испитаницте во врска со соодветното дезинфицирање на просториите.

Според добиените резултати, најголем дел од испитаниците или 44,7% не им дозволуваат на своите деца да се дружат со други; 38,9 % од испитаниците делумно им дозволуваат  на свите деца да се дружат со други. Само 15,4% од испитаниците им дозволуваат на своите деца да се дружат со други во вакви услови на пандемија

Генерално изборот на онлајн наставата е најчесто направен како последица на грижата на родителите/старателите за физичкото здравје на децата (грижа да не бидат инфицирани со Ковид-19), а изборот на комбинирана настава, како последица на грижата на родителите/старателите за менталното здравје на нивните деца, правилниот социјален и психички развој, но и за грижата за стекнување на соодветно образование и знаењена нивните деца.

Од индикативните наоди добиени од одговорите на родителите/старателите на децата, поврзани со нивните искуства од досега спроведената онјлајн настава, издвојуваме:

Ставот и перцепциите на речиси половина или 47,3% од испитаниците е дека досегашната онлајн или наставата од далечина делумно ги задоволила потребите на учениците. За речиси приближно исто доста висок процент на испитаници – 43,6% овој метод на настава воопшто не ги задоволил потребите на учениците. За само 9,2% од испитаниците, онлајн т.е. наставата од далечина во целост ги задоволила потребите на учениците.

Искажаните перцепции и ставови на родителите/старателите за појава на евентуални промени кај нивните деца покажаа дека високи 57.6% од испитаниците забележуваат негативни промени кај своите деца, речиси една третина или 31,4% не забележуваат никаква промена кај своите деца (ниту позитивна ниту негативна), а само 11% од испитаниците изразиле перцепција и став дека забележуваат позитивни промени кај своите деца. Родителите/старателите на децата кои работат во приватен сектор и кои забележуваат негативни промени кај нивните деца се застапени со највисок процент од 65,10% од примерокот; по нив следат родителите/старателите вработени во јавниот сектор со 57,9%. Највисок процент на родители/старатели од 27,8% од испитаниците кои забележуваат позитивни промени кај своите деца се самовработени.

Поголем дел од испитаниците или 58,2% сметаат дека нивните деца преку онлајн наставата се стекнале со подобри оцени, но со помалку знаења.

Речиси две третини или 64,3% од испитаниците имаат соодветни просторни технички услови  за следење на онлајн настава; 28,7% од испитаниците се изјасниле дека делумно  располагаат со соодветни просторни и технички услови за следење на онлајн наставта, а 6,4% од испитаниците одговориле дена не располагаат со соодветни просторни и технички услови за следење на онлајн настава.

Најголеми предизвици со кои се соочиле децата при онлајн наставата се: адаптирање на новонастанатата состојба, примена на ИТ алатки и нови програми во учењето и одржувањето концентрација, внимание, трпение, дисциплина и желба за учење. Иако во мал процент, како наод е важно да го споменеме дека онлајн наставата е перцепирана како особен предизвик за децата со пречки во развојот.

Најважни три работи кои ги издвоија родителите/старателите кои им недостасуваа на децата за време на онлајн наставата, поврзани со физичкото присуство во училиштето:

  1. Социјализацијата, дружењето со врсници поврзани со правилниот развој на децата (воспитниот аспект на училиштето)
  2. Сите сегменти на наставата со физичко присуство (наставниците, предавањата, училишните часови, работната атмосфера, контактот и комуникацијата наставник-ученик, ученик-ученик).
  3. Квалитетно образование и стекнување на соодветни знаења (образовниот аспект на училиштето).

Родителите/старателите на децата вклучени во основното образование и родителите/старателите на децата вклучени во средното образование покажуваат речиси поеднакво исти ставови и перцепции за степенот до кој онлајн наставата ги задоволи потребите на нивните деца (нема разлика во перцепираниот „квалитет“ од страна на родителите/старателите, за онлајн наставата во основното и во средното образование). Тоа значи дека генералните резултати се пресликуваат и во овој случај.

Иако се појави како во мал процент, како наод е важно да споменеме дека онлајн наставата е перцепирана како особен предизвик за децата со пречки во развојот.

За потребите на ова истражување, како инструмент за спроведување на онлајн анкета беше изготвен структуриран прашалник, конципиран со вкупно дваесет и девет прашања од отворен и затворен тип. Достапна популација на истражувањето беа родители/старатели на деца вклучени во основно и/или средно образование, кои имаат пристап до интернет.Со оглед на фактот што Истражувањето за ставовите и искуствата на родителите/старателите за методите на организирање на образовниот процес на децата за учебната 2020/2021 година е конципирано и спроведено како онлајн истражување т.е. онлајн анкета, тоа ја „диктираше“ и техниката на составување на примерокот. Примерокот врз кој е спроведено истражувањето е формиран со техниката Voluntary response sampling односно „примерок формиран врз основа на доброволно учество“.

Најголем дел од испитаниците се родители/старатели кои имаат дете или деца вклучени во основното образование – 69,3% од испитаниците. Една петина или 20,8% од испитаниците се родители/старатели на деца вклучени и во основното и во средното образование, а преостанатите 9,9% се родители/старатели на дете/деца вклучени во средно образование. 80% од испитаниците се од женски пол.

Од  Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ценат дека е клучно, гласот и пораките на родителите/старателите да бидат земени предвид при носење на било какви одлуки во однос на одвивањето на образовниот процес на децата од септември, 2020 година.

Н.Доковска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ