Членовите на групата “Поддршка за онлајн настава за учебната 2020/2021 година” испратија писмо со барања за он лајн настава. Писмото е пратено до ресорните миснитри Адемии Филипче, до УНИЦЕФ, Комисијата за заразни болести, ЗЕЛС, Бирото за развој на образованието и Меѓаши.
Ви го пренесуваме писмото во целост:
“Почитувани,
Имајќи ја во предвид состојбата со Ковид-19 во државата и нејзиниот импакт во сите сфери на човековото живеење, како загрижени родители за здравјето на своите деца, семејството, просветниот кадар и воопшто јавното здравје, бараме наставата во учебната 2020/2021 година да се одвива онлајн-настава од далечина.
Подучени од минатогодишното искуство, кога сите итно моравме да се прилагодиме на онлајн наставата, сега поподготвени и здружени направивме конкретни барања со предлог решенија за најдобро и најбезболно надминување на предизвиците во овој исклучително тежок период за сите.
Оттука, бараме:
Да се донесе одлука онлајн настава на далечина во училиштата за сите
ученици, а посебно да бидат опфатени децата од 1 – во до 5-то одделение имајќи ја во предвид возраста и неможноста за самостојно почитување на здравствените протоколи. Понатаму, единствено со онлајн настава ќе се заштитат децата, наставниците, родителите и нивните блиски, вработените, ризичните групи и целата популација. Моделот што имавме можност да го видиме, а вклучува 2 часа дневен физички престој во училиште, под маски и физичка дистанца, сменска настава, скратена програма и зимски распуст од 180 денови, е модел кој нема да обезбеди здрава средина за развој, социјализација и едукација и не го поништува ризикот од заразување и изложување на ризик на целокупното население. Со предложениот модел за физичко присуство, дополнително се комплицираат обврските на родителите, а доколку во целиот тој процес бидат вклучени бабите и дедовците (што се чини неминовно), доколку родителите се на работа, се ризикува животот на најранливата категорија граѓани.
Без исклучок да биде дадена можноста еден од родителите на децата до 10 годишна возраст, да биде ослободен од работа или да има скратено работно време. Децата до оваа возраст не можат самостојно да престојуваат дома, особено кога можноста за целодневна настава е исклучена. Потребата од родител постои и во понудениот модел со скратена настава и сменско работење.
Бараме, како платформа за изведба на онлајн учењето да биде било која интернет алатка која овозможува видео конференциска врска како Microsoft teams, Zoom, Google classroom и слични. Ние, единствено што бараме во оваа смисла е онлајн наставата да биде осмислена, ефективна и квалитетна, а веруваме во капацитетот на наставниот кадар, кој и досега покажа дека поседува креативност и способност за справување со новите околности. Сметаме дека, токму со барањето на оваа опција, ги заштитуваме и наставниците, на кои со решението за физичка настава им е наметнат и најголем дел од одговорноста, но и ризикот од изведување на истата што подразбира и познавање на кризен менаџмент.
Во продолжение Ви пренесуваме и други проблеми со кои се соочуваат родителите и кои неминовно секојдневно се наметнуваат:
Свесни сме за епидемиолошката слика во земјата која означува дека ситуацијата е крајно алармантна со Ковид-19 жаришта во речиси сите општини. Најпогодени се општините во Скопје, во кои од ден на ден бројот на заразени постојано расте, создавајќи паника и неизвесност за сите нас, за нашиот и животот на најблиските.
Постојано сме сведоци на висока бројка на смртни случаи на дневно ниво, што ја става земјата во групата на најпогодените држави во Европа. Ние сме во групата на најзабранетите земји во светот за патување. Тоа прави психолошката состојба на секој од нас, па и на нашите деца да е на многу незавидно ниво. Од друга страна, ситуацијата во училиштата отсликува хронични проблеми со неодржувани инвентари, истрошени тоалети, расипани чешми, немање основни хигиенски средства (кои ги купувавме самите изминативе години), а да не зборуваме за нивото на општата хигиена спроведена од хигиеничарките кои се во многу мал број и со скудни средства за работа. Треба да бидеме и самокритични и да признаеме дека со сегашните услови, моменталната состојба и вкупниот персонал со кој располагаат училиштата во целата држава е невозможно постигнување на потребното ниво на хигиена и социјална дистанца. Ние, само во текот на овие денови откако постои Фејсбук групата во чие име ви се обраќаме, слушнавме стотици поплаки за супстандардните услови во многу училишта кои немаат постојано вода за пиење и имаат загрижувачка состојба во однос на ниското ниво на хигиена во нормални, а со тоа и во услови на пандемија.
Како загрижени родители посебно не тангираат и многу други прашања, доколку немаме можност за онлајн настава, а тоа се прашањата за адресирање на одговорноста во случај на загрозување на здравјето на нашите деца, а со тоа и на нашето.
Оттука, едногласно бараме одговори на следниве важни прашања:
– Дали ќе биде тестиран наставниот и помошниот кадар пред отворањето на училиштата?
– Кој ќе ги сноси трошоците за ПЦР тестовите при евентуална зараза, каде според протоколите ќе треба да се тестираат сите контакти, цели одделенија и цели нивни семејства?
– Кој ќе ги сноси трошоците за квалитетни маски, препорачани од СЗО?
– Кој ќе ги сноси трошоците за квалитетни и безбедни (за деца) средства за дезинфекција, термометри, УВ лампи, редовни средства и сертифицирани сервиси за темелно чистење на просториите, после секој ден (кога ќе се спроведат јавните набавки за кои треба многу повеќе време од она преостанато пред почетокот на училишната година);
– Кој ќе мери температура на влезот и кој ќе го контролира тој што мери?
– Кој ќе гарантира дека децата правилно ќе ги носат маските? (Инаку, два часа носење маска за деца не е препорачливо. А секако, неносењето маска е неприфатливо.)
– Како ќе се организираат оброкот и одењето во тоалет?
– Како ќе се организира движењето низ ходници?
– Како ќе се менаџираат итните состојби (доколку на некое дете му се слоши, се удри, изгуби свест, има потреба од вештачко дишење и сл.);
– Како ќе се обезбеди физичка дистанца и како ќе се превенираат закашлувањата, непочитувањата на препораките, обиди за социјализација, психолошките понирања на децата заради неприродната состојба од престој во училница со нужност од почитување протоколи несвојствени за деца?
– Како ќе се толкуваат обичните настинки, вирози, бактериски инфекции, грип, други заразни болести и други редовни појави во училишното секојдневие? Дека тие се редовна појава од масовен престој на деца во иста просторија сме повеќе од свесни, а доказ за тоа се овие месеци кога ретко кое дете се има пожалено и на најобичен медицински проблем.
– Како ќе се реши проблемот со превоз на учениците до училиштата? Голем дел од нив користат јавен превоз кој сам по себе е ризик за ширење на вирусите.
Како загрижени родители имаме и многу други прашања кои постојано се наметнуваат и во овој момент е најважно сериозно да и се погледне на актуелната состојба. Очигледно е дека со вирусот ќе живееме уште долго, но на нас останува да ги изнајдеме оптималните решенија за справување со него и да ги понудиме можните начини за што побезболно преминување кон „новото нормално“. Бројот на заболени мора да се донесе до толерантниот минимум и потоа етапно да почнеме да ги нормализираме нашите и животите на децата.
Сакаме да подвлечеме дека зад ова барање стојат луѓе и семејства кои се обединети кон една цел – здравјето на своите деца, без разлика на нивната етничка, религиозна, партиска и каква било друга припадност. Тоа се луѓе кои во континуитет ги почитуваа владините мерки и дадоа голем општествен придонес врз контролата на ширење на вирусот, како и одличен пример на општествена одговорност и високо ниво на свест и совест.
Стравот од вирусот кај совесните граѓани е голем и покрај високото ниво на претпазливост и почитување на препораките од нивна страна и од страна на нивните најблиски.
Затоа веруваме дека нашето барање нема да биде изневерено. Дозволата за опцијата онлајн настава, секундарно прави добробит за образовниот систем во целост (доколку сепак се одлучи да се започне и со настава со физичко присуство). На тој начин се релаксираат капацитетите на преоптоварените училишни згради во кои и во случај на непостоењето на пандемијата, условите во голем дел од нив беа далеку од задоволителни (просторно и хигиенски).
Следејќи ги искуствата на другите држави кои излегуваат секојдневно, каде имаше избрзано враќање во училиштата и непочитување на протоколите, не сакаме нашите деца после само неколку седмици да бидат ставени во карантин и да ги преплават и така преполнетите болнички капацитети. Токму во анализите, како најефикасна мерка на државите во справувањето и контролирањето на вирусот се споменува затворањето на школите. Зошто тогаш би се отворале кај нас кога далеку помоќни земји ја увидоа грешката.
Свесни сме дека нема да биде лесно, но цврсто сме одлучни да помогнеме учебната 2020/2021 година. нашите деца да ја започнат безбедно, со онлајн настава, бидејќи компромиси со животот не се дозволиви. Свесни сме и дека наставата во живо е незаменлива, но во овој момент, макар времено, ќе треба да се прилагодиме кон реалната епидемиолошка состојба. Имено, токму моделот на далечинско учење ќе помогне уште побрзо да и се вратиме на физичката настава.
Сосема за крај би сакале да Ве информираме за нашите активности и тоа дека е во тек потпишување Петиција и во неа до сега се потпишани повеќе од 2000 загрижени родители.
Бројот на членови во групата на фејсбук “ГРУПА ЗА ПОДДРШКА ЗА ОНЛАЈН НАСТАВА ВО УЧЕБНАТА 2020/2021” ја надмина бројката од 8000 члена.
Н.Д.