четврток, ноември 21, 2024
домаЖивотНасер Нуредини: Нема компромиси со заштитата на животната средина

Насер Нуредини: Нема компромиси со заштитата на животната средина

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на денешната прес конференција ги најави областите на кои ова министерство ќе работи за време на мандатот.  Справувањето со аерозагадувањето, унапредување на управувањето со отпадот и отпадните води, заштитата на природата и биодиверзитетот, како и обезбедувањето на чиста води за сите се приоритетите на кои ќе биде ставен акцентот во следните четири години. 

И натаму моите водечки предности во работењето ќе останат транспарентноста, професионалноста и ефикасноста. За мене заштитата на животната средина значи размислување не само на сегашноста, туку и на иднината, која ја посакуваме за следните генерации. А, тоа е возможно единствено со грижливо користење на природните ресурси, циркуларна економија и зелени работни места, порача министерот Нуредини. 

Тој меѓу другото информира дека оваа недела безбедно бил преточен и подготвен за транспорт и извоз од земјата винил хлорид мономерот во Охис, а исто така успешно завршил и тендерот за избор на изведувач за ремедијација на почвата контаминирана со изомери на линдан во кругот на Охис.

-Завршена е административната процедура на потпишување на договор со избраниот понудувач, сега следи одобрувањето на деталниот план за ремедијација и активности за обезбедување на потребната документација за отпочнување со работа на терен и чистење на историската депонија, додаде Нуредини.

Тој потврди дека до крајот на годината, како што најави министерот, ќе биде доставен на усвојување и ревидираниот национален пондесок кон Парискиот договор, каде ќе и предложат на Владата  зголемување  на амбицијата за редукција  на емисијата на стакленичките  гасови, дури за 82 отсто во однос на 1990 година, со што ќе се обезбеди значителен придонес во декарбонизацијата.  

-Во таа насока ги повикувам инспекциските служби од сите области, во рамките на Владата ќе барам засилување на капацитетите, за соодветна контрола на теренот и казнување на секаков вид на загадување. Ќе се заложам за подобра координација и кооперација на овие служби, истакна министерот.

За министерот Нуредини од голема важност е заштитата на природните богатства, изразувајќи задоволство што вчере беше објавен нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина  за национален парк, за кој во следните 30 дена ќе може да се  доставуваат коментари и ќе бидат спроведени четири јавни расправи. Додаде и дека се работи веќе на студии за валоризација на низа нови подрачја како Охридското Езеро, но и на плановите за управување  на Галичица, Пелистер…

Министерот за животна средина потенцира и дека во однос на просторното планирање, импертатив во неговиот мандат ќе биде подготовката на нов просторен план на РСМ за наредните 15 години. 

Ал.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ