Секое исечено дрво го забрзува темпото на глобалното затоплување, па сериозно загрижува фактот дека шума со големина на Јамајка уништена во Амазон за една година. Истражувањето на шумите во бразилската Амазонија го достигна највисокото ниво во последните 12 години, покажуваат најновите податоци, што предизвика критики кон владата на претседателот Жаир Болсонаро.
Според бразилскиот Национален институт за вселенски истражувања (ИНПЕ), кој ги анализира сателитските снимки, за 12 месеци, заклучно со август, уништени се вкупно 11.088 квадратни километри шуми.
Се работи за површина која е поголема од Јамајка и која е зголемена за 9,5 проценти во споредба со минатата година, кога уништувањето на шумите веќе собори десетгодишен рекорд.
„Поради уништувањето на шумите, Бразил е веројатно единствениот голем емитер на стакленички гасови што успеа да ги зголеми емисиите во текот на годината во која запре светската економија“, оцени Опсерваторијата за мониторинг на климата, невладина организација од Бразил.
Шумите како Амазон играат клучна улога во контролата на климатските промени поради нивната способност да апсорбираат јаглерод диоксид, но кога дрвјата ќе горат, тие го ослободуваат и го враќаат во животната средина.
Амазонија е дом на околу три милиони растителни и животински видови и еден милион домородци.
Официјалните бројки ќе бидат објавени на почетокот на следната година, но според последните податоци, може да се забележи значителен пораст на исечените површини.
Бразил си постави цел да ја намали стапката на уништување на шумите до 3.900 квадратни километри годишно до 2020 година. Таа бројка беше надмината скоро три пати.
Екстремно десничарскиот бразилски претседател, климатски скептик, се најде под жестока критика од меѓународната заедница за начинот на кој управува со животната средина, особено во 2019 година, поради наглиот пораст на пожарите во Амазонија.
Бразилската влада повикува на легализација на земјоделските или рударските активности во заштитените области и го намали финансирањето на еколошките програми.
Еколозите истакнуваат дека ваквата политика го охрабрува уништувањето на Амазонија, најголемата тропска шума во светот, од кои 60 проценти се наоѓа во Бразил.
Во октомври, новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден му се закани на Бразил со „значителни економски последици“ доколку продолжи да ги сече шумите во Амазонија, но претседателот Болсонаро предупреди дека неговата земја нема намера да трпи притисок по тоа прашање. А.Р.
Текстот е дел од проектот ЕКО Едукација за новинари“, поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање