петок, септември 20, 2024
домаЕднаш неделно: ВУЛГАРНО

Еднаш неделно: ВУЛГАРНО

Информацијата дека двајца неодговорни средношколци експресно и едногласно се избркани од средно училиште, затоа што по завршување на часот еден ученик изрече вулгарности и пцовка кон професорката, а друг ученик незаконски и нелегално го снимил тоа, ни е нова тема на дискусија овие два дена. Снимката трае 40-тина секунди, и да не знаеш за што станува збор според тонот и начинот на комуникацијата, ти би помислил дека е недолична расправија на двајца генерациски блиски млади, машко и женско, а не меѓу личности на релација наставник-ученик.

Нашите министерства и служби чинам, многу долго време ќе имаат потреба да ги “средат младите”, кои едно време носеа ножеви по ташни, се тепаа, вршеа мобинг врз другарчињата, ги фрлаа низ прозор за забава, им се закануваа, страв да те фати. Игра улога домашното воспитание пред се, и фактот дека најголем дел од тие деца се од нефункционални или недоволно функционални семејства, и полни се со видлив или невидлив гнев во себе.

Понатаму…

-Што читаат децата на фб од возрасните?

-Кој речник го копираат?

-Што гледаат на телевизија и каков вокабулар и начин на комуникација користат јавно многу јавни личности, политичари, водечки фигури?

-Следно што би се прашале: како изгледа еден наставник, педагог, учител/ка, воспитувач/ка денес, а како некогаш, кога самиот збор “учител” значел нешто и имал авторитет?

-Сте го погледнале ли дрес-кодот на многу претставнички на наставниот кадар? Еве, не мора во живо, свртете на фејсбук, на страницата каде на листата на една наставничка и се закачени речиси сите нејзини ученици и ученички.

-Сте го забележале ли “миничот” нејзин кој е најчесто рамен на стегач за коса, нејзиното деколте и нејзините набрекнати усни, натопорени и селфирани како за на филм?

-Сте ги забележале ли фотографиите со нејзините голи облини на плажа, сликани од сите агли и во провокативни бикини?

-Сте ги забележале ли срцата, лајковите, коментарите од типот “Денес се чувствувам секси”, “Вау, наставничке, баш и јас”, лајк.

-Сте забележале ли дека наставник сретнал некаде низ град, на фудбал, во циркуз, на концерт, во кафана ученик/ученичка, па се дружат, се гушкаат, се селфираат, се тагнуваат, си коментираат, се зезаат како “војнички другари”?

– Сте забележале ли дека наставничките и наставниците се и во навивачки групи, одат по штабови, делат политички флаери и пенкала, постери, тропаат по врати, излегуваат на тв да ја бранат “својата” партија и да ја колнат другата, сте забележале ли на протести што се носат во раце, какви реквизити?

-Сте забележале ли дека генерално наставниот кадар прави се само не си ја брка својата работа?

Зборуваме за генералната слика. Ако сте забележале имам уште само мало прашање – па, како тогаш очекувате однос ученик – учител да биде таков каков што треба да биде и учителот да има авторитет, а не да е доживеан како “другар-ка” на ученикот? А меѓу другари и другарки пак, и изречена вулгарност не ја има истата тежина и е само една комуникација која може да се исправи и прости.

ПАРГО

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ