вторник, октомври 22, 2024
домаЕднаш неделно: ДРМАТОР(И)! 

Еднаш неделно: ДРМАТОР(И)! 

Кога се зборува за легендарни радио емисии кои фантастично ја презентираа македонската музиката, музиката од овие простори и од светските сцени, неизоставно е да се почне со “Три гонга” со Ѓоко Георгиев, и “Диско селектор”, “Заборави ако можеш” на Драган Б. Костиќ, но и “НННРВ”, “Средби низ музика”, “Радио урнебес”…

А на телевизија тоа беа ненадминливите “Ква Ква топ” со Кире Печијаревски, “Видеометроном”, “Видеоџубокс” ,” Хит на месецот”, и други, и уште кога како водители и водителки кога ќе се “истресеа” некои урбани фаци, авангардни, фраери, фраерски, дрматори или легенди, се гледаше и слушаше со почит и со подотворена уста.

Нивниот збор беше закон. Чекавме со денови и со часови, да им дојде терминот, да ги следиш или снимаш.

Тие прво се калеа и самите ќе се истакнеа како најголеми музички познавачи, диџеи а некои од нив и беа познати музичари, а потоа и природно доаѓаше да им се даде шанса да се појават и уредуваат на радио или ТВ медиум. Ниеден не беше случаен лик. Се од ред колекционери на музика и одлични познавачи, живи енциклопедии.

Беа толку провокативни и авторитетни што на музичарите им беше предизвик да направат јака песна и да ја промовираат кај нив. Да биде избрана, емитувана, да се натреварува за приматот со други песни од релевантни автори.

Кој ќе се најде во емисија и на топ листа одлучуваа страшни музички познавачи, не никако по линија на “пријателства и седење по кафани”.

МТВ во деведесеттите ги имаше и експлозивните музички емисии “Шоуто мора да продолжи”, “Рок подиум”, “Мислам дека имаме хит”, “Топ 10”, “Не заспивај сега”, емисија за демо бендови…

А едно време имаше и Трет канал, се со музички и забавни емисии и кул тв ликови. Да ти е мерак да гледаш и слушаш…

Не ми земајте за зло, ми се чини со Музичката и касета продукција кон крајот на деведесеттите почнаа да се создаваат кланови кои потоа се усовршија со приватните продукции и не остана ништо спонтано и селектирано ни од познавачи, ни од публика. Продукции одлучуваа, наметнува и правеа шеми со уредници, спонзори, властите, оттука вистинските музичари се повлекоа.

Штета е, со оглед на тоа каков потенцијал имаат многумина од нашите автори и музичари, кои се се уште со голем потенцијал. А се “успани”, повлечени или неми набљудувачи на она “ништо што не се случува” во поп рок сцената.

Треба повторно да се етаблира некоја јака музичка телевизиска и радио емисија, некој јак харизматичен водителски лик да здрма на екран, да ја затресе сцената. Лик дрматор и кон кого музичарите ќе имаат стравопочит.

Лик кој сам ќе се изнедри со своето познавање на работите, на музиката, на антологијата. Кого публиката ќе го верификува и признае за водечки, убедлив, сугестивен, поткован со знаење и познавања на сцената воопшто. Профилирана емисија, престижна.

За потоа, сите оние кои нивните имиња не сакаа да се мешаат со “импровизација” и со “шеми” се вратат во своите студија, се ујдисаат со еснафот, со својот ранг, разговараат за музика, и повторно создаваат. Ги извадат од фиока недоработените “парчиња”, ја дувнат правта од нив, ги средат и прикажат.

Ионака, за секоја работа мајстор треба, а мајстор, во земја во која има(ло) многу вистинска музика, конкурентна и на светската, а потисната, може да се најде. Време е, и чекаме музика, многу музика, соодветна презентација и соодветен тв концепт.

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ