Странските туристи ќе може да влегуваат во Грција со потврда за вакцинација или негативен тест за „ковид-19“, јави грчката телевизија „Стар“. Според телевизијата, Грците почнуваат да ги попуштаат строгите анти-епидемиолошки мерки, и покрај наглото зголемување на бројот на заразени. Сепак, грчки експерти најавија дека очекуваат бројот на заразени да се намали во текот на следната недела и дека не очекуваат толку многу тешки случаи во болниците.
Првата релаксација на мерките започнува на 22 март, а потоа постепено се планира отворање. До мај, се очекува и странските државјани од истокот да можат да влезат во Грција на одмор.
Планот за Грција да се отвори од крајот на овој месец за сега изгледа вака:
на 22ри март – отворање на малопродажни места, трговски центри и фризери. Засега, купувањето ќе може да се врши еднаш на ден, со временско ограничување од три часа и во радиус од 2 километри. Гимназиите и факултетите се отвораат во ист ден. За 29 март предвидено е отворање на основните училишта, на 20 април – отворање на ресторани што ќе може да примаат гости само во градините. Во мај започнува официјално туристичката сезона, во јуни – отворање барови и спортски сали, како и дозвола за свадби и крштевки, но само на отворено.
Она што останува необјаснето е вакцинација со кои вакцини ќе се признава и што со оние кои прележале корона, имаат антитела, но не можат да патуваат бидејќи немаат ковид-пасош. Во однос на признавањето на вакцините се претпоставува дека сите вакцини ќе бидат признаени, сообено што веќе шест земји од ЕУ најавија купување руски и кинески вакцини
Дури шест земји од ЕУ набавиле или објавиле набавка на источни вакцини, иако тие сè уште не биле одобрени од регулаторното тело на оваа Унија.
А.Н.