среда, ноември 20, 2024
домаЖивотЗдравјеФилипче: Нови рестрикции од следната недела ако бројките повторно растат

Филипче: Нови рестрикции од следната недела ако бројките повторно растат

Зголемување на полицискиот час и скратување на работата на угостителските објекти се следни чекори во заострување на мерките за заштита од Ковид-19, ако има влошување на состојбата со заболени, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.

До наредната среда е полицискиот час од 22 часот, а на почеток на следната недела ќе се прави нова проценка, иако според министерот Филипче, ќе има резултати од полицискиот час.

Министерот Филипче посочи дека во изминатиот период имаше забрзано полнење на болничките капацитети, пред се на интерните клиники, и се обезбедува дополнителен простор за лекување. Отворен е дел на пластична хирургија и едно одделение на приземје кои практично се на располагање и ќе се обезбедат дополнително 100 кревети.

„Денеска имаме помалку заболени од претходните денови, бројката е под 1.000 заболени и очекуваме да има стабилизирање. Полицискиот час што беше воведен ги даде потребните резултати. Спремни сме да препорачаме и дополнителни рестрикции, но во секојдневна консултација сме со болничкиот персонал и Комисијата за заразни болести засега сметаме дека не се потребни дополнителни рестрикции, рече Филипче.

Во врска со училиштата Филипче посочи дека останува досегашниот систем на ниво на цела држава, а мерката за замена на физичката настава на пониските одделенија со онлајн настава, е за одредени училишта каде така процениле епидемиолозите за заштита на учениците и наставниците во тие одделенија.

„Сакам да ги уверам граѓаните дека буквално секоја вакцина која што е сега присутна или допрва ќе влегува во нашата земја ќе биде безбедна за користење, посочи  министерот Филипче, осврнувајќи се на сомнежите во врска со вакцината на „Астра Зенека“ и поради што неколку национални во неколку европски земји го запреа вакцинирањето.

Тој појасни дека вчера EMA дефинитивно потврди дека вакцината е целосно безбедна и нема никаква директна причинско-последична врска помеѓу тие несакани ефекти и вакцината, а тие земји ќе продолжат со вакцинацијата.

– И според нашите сознанија, деталните анализи на публикациите коишто излегуваат од овие несакани ефекти, анализата на упатствата од буквално сите вакцини коишто ги имаме и коишто ќе дојдат во нашата земја се, дека сите вакцини се безбедни и корисни и дека служат за вистинската цел за која што треба, а тоа е да спречат несакан смртен случај од болеста или тешка форма на болеста, нагласи Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање дали масовната имунизација во земјава ќе почне со вакцината на „Астра Зенека“, Филипче рече дека сега навистина не може да каже.

-Имаме некои најави за тоа кога треба да стигнат вакцините на „Астра Зенека“. Тоа што сигурно го знаеме е дека дефинитивно прва вакцина која што ќе стигне преку ковакс-механизмот е на „Астра Зенека“.  Доколку не стигнат кинеските вакцини претходно, тоа ќе биде „Астра Зенека“, изјави Филипче.

Во врска со договорот со Фајзер, министерот Филипче рече дека преговорите уште траат бидејќи се бараат дополнителни информации, а пред три дена е добиено дополнување на договорот кое се однесува на обештетувањето од евентуални несакани ефекти од вакцината, па потребни се дополнителни консултации. Како што посочи Филипче, и од Фајзер се свесни дека долго траат овие разговори и верува дека конечно ќе се финализираат.

Филипче соопшти и дека поранешниот заменик-министер за здравство, Арменд Арслани, е назначен за нов директор на болницата во Струга. Арслани доаѓа на местото на гинекологот Мухамед Асани, кој беше актуелен со случајот со родилката на која ѝ беа отстранети јајник, бубрег и матка, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) откри нерегистрирана гинеколошка ординација во неговиот дом. Тој на прашањето дали тој ќе продолжи со работа во болницата, рече дека докторот работи согласно неговите ингеренции, а смената не била само заради случајот со родилката, но ќе се почека да завршат сите процеси пред да се коментира. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ