Да се зборува од искуство за менструален циклус и менструалната појава, е привилегија резервирана само за жените, тоа е неодминлив биолоши процес и ајде да ја искористиме оваа шанса да позборуваме отворено, не е ниту срамота ниту погрешно, без сомнение е мошне корисно и од секое разменето искуство или совет, може некоја жена да добие некоја полза, или да се слушне нешто плус кое би и прикорисило во одредена ситуација.
Улогата на меструацијата кај една жена е позната, тоа е перидот во кој таа може да го оствари нагонот за репродукција и улогата на Мајка. Народски кажано, велат тоа е период на отфрлање на “нечистата крв од организмот”.
Кај повеќето жени тоа не претставува поголем проблем, лесно ја поднесуваат. но има жени и тоа завиден број кои на судни маки се за време на циклусот, поминуваат и одлежуваат болни, многу болни циклуси.
Од лично искуство ќе кажам, тие жени доживеале такви маки и страдања, што доаѓале на раб на животот од болки, честопати и до фаза на губење на свест, и секогаш имаат една мисла и себеобвинувачко прашање – зошто баш нив им се случува тоа? Им се променува целиот живот и себеперцепција.
Ургентни реакции на брза помош или ноќни служби, помагале само колку да се стави инекција и привремено да се ублажи болката, а потоа пак во следните денови се повторува истата морбидна ситуација, со болки, виткање, лежење на под. Неиздржливо!
Многу погрешни или неефектни совети може да добие жена во таква состојба, да стави топло околу стомак (вклучена пегла) , да се бања во топла вода, да не се капи во езеро или море и разни разни совети.
Кај секоја жена различни работи имаат влијание во смисла на подобрување на ситуацијата или барем за да и се намалат болките. Тоа е да се земе апче за стомак, најдобро бускопан или вентор по можност ден пред менструалниот циклус, откако жената ќе почувствува дека и доаѓа нејзиниот термин обоен во црвено. Или веднаш откако циклусот ќе и дојде. Јадење слатки работи, чоколади, е нешто што самиот организам ќе го бара неколку дена пред циклусот и не треба да се избегнува оваа потреба-штом нешто организмот бара, треба да се излезе во пресрет. И витамин Це, во големи количини, најдобро природна лимонада од свежо исцеден лимон.
Ако жената е алергична на кафетин, аспирин, аналгин, андол, баралгин, кетонал, никако да не посегнува по овие лекарства, за да не дојде по нејзино гушење, опструкција, поголем ризик по живот и поголема изнемоштеност. Алергични жени не смеат да стават ни парфем, ни да перат или мијат садови со детергенти, тоа може да им ја влоши ситуацијата.
Физички активности не се препорачливи, затоа што мускулите се многу осетливи и при нивно напрегање или замор доаѓа до поголема болка во нив, тие ионака во таквите денови ги болат жените. Мирување, и одмор се најдобри сојузници во подоброто справување со болките.
А, нешто што некогаш беше незамисливо, а толку би им било потребно на жените со болни или обилни менструални циклуси, се слободни денови од работа.
Јас сум користела такви денови од тоа што сум морала, од тоа што немаше како поинаку да се справам, кога сум се превиткивала и паѓала на под од болки и кога не сум можела да се помрднам од местото на кое сум била згрчена, но можете да замислите колку потоа сум наидувала на префрлување и еден вид неверувања од колешките дека баш секој месец сум отсутна и баш секој месец јас не можам и ескивирам, а тие доаѓаат и работаат? Не покажувале доволно солидарност, затоа што не го чувствувале проблемот на своја кожа.
Да не зборувам за пропуштени патувања, дружења, концерти. Има уште еден голем проблем. Освен ова што имаш болни менсиси кога си во таква фаза чувствуваш некоја вина што сите сте дознаваат.
Има жени кои обично крварат, со женски проблеми, дали од миоми или од други проблеми. Замислете како им е кога на работа или во град им се исцрта црвена дамка на облеката или остават црвена трага на столчето каде седнале, а другите наоколу тоа го забележале? Како се да паднало врз нив.
Тоа не може да се промени, но слободни менструални денови од работа, заслужува секоја жена. Особено, веќе рековме, онаа која страда за време на циклусот. Нешто што некогаш порано не би ни паднало ни на памет, нас жените дека ни е наше право, а сега сфаќаме колку тоа било потребно.
Денеска е 28 мај, Светски ден определен за оваа тема, затоа да зборуваме. Да зборуваме гласно, отворено, директно.
Уште еден проблем кој не смее да се занемари, и бара се погласно говорење, менструалната сиромаштија!
Но јас ќе сопрам овде, нека продолжи да зборува некоја друга жена.
Мои дами, девојки и девојчиња, да позборуваме, да се сослушаме и заедно солидарно да ги решаваме овие наши женски проблеми, најдобро што можеме! Една со друга, една за друга. Сите ние заедно за сите нас!
Валентина Ѓоргиевска Парго