среда, декември 18, 2024
домаЖивотЖивотна срединаСе заканува исчезнување на речиси една третина од видовите дрвја

Се заканува исчезнување на речиси една третина од видовите дрвја

Некои од најпознатите видови дрвја како даб, магнолија и јавор се меѓу 30-те загрозени видови, предупредува Меѓународната организација на ботанички градини (БГЦИ).

Во извештајот за состојбата на дрвјата во светот објавен во средата, од БГЦИ предупредуваат дека повеќе од 17.000 видови дрвја во светот од вкупно 60.000 би можеле наскоро да исчезнат поради сечење на шумите и екстремни временски услови.

Најранливи се 440 видови кои имаат „помалку од 50 единки“, се вели во извештајот, базиран на петгодишно истражување во кое беа вклучени 60 институции и 500 научници, пренесува „Хина“.

Луѓето го користат скоро секој петти вид дрвја „за храна, гориво, дрвена градба, лекови, хортикултура“, велат од БГЦИ, предупредувајќи дека само околу 40 проценти од видовите може со сигурност да се каже дека не се во опасност од исчезнување.

Најтешко погодени земји во апсолутна смисла се Бразил, Колумбија, Индонезија и Малезија, со меѓу 5.000 и 9.000 загрозени видови во секоја од нив.

Индонезија и Малезија заедно произведуваат помеѓу 80 и 90 проценти од светското производство на палмино масло на плантажите каде што некогаш беа дождовни шуми.

Сечењето на големи тропски дрвја во Југоисточна Азија доведе до критично загрозени видови како што е орангутанот од Борнео, соопшти организацијата.

Јон Паул Родригез од Меѓународната унија за заштита на природата, која води евиденција на загрозените видови, рече дека извештајот може да биде „прв чекор“ кон спасување на ранливите видови дрвја.

Пол Смит од БГЦИ рече дека наодите се „повик за будење“ и покажуваат дека на дрвјата во светот „им е потребна помош“. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ