Синоќа, во објектот Куршумли Ан се одржа манифестацијата „Мултимедијална летна ноќ“, во рамки на одбележување на 30 години независност на нашата држава.
Оваа манифестација е во организација на “Револушн продукција”, која настанот го организира во два дела, на 4 и 14 септември 2021 година.
Првата Мултимедијална ноќ го долови духот на филмот, музиката, поезијата, ликовната уметност, животот и творештвото на Блаже Конески и Петре М. Андреески, а, истакнати поети од различни генерации и националности, како Лидија Давкова и Васе Николовски, Стојан Арсиќ, Арлинда Бахии, Лејла Шериф Емин, Надир Усеин, настапија со свои стихови и испрезентираа и дел од своето творештво, на македонски, српски, ромски и турски јазик.
Затоа што, онаму каде различностите знаат да поделат, поезијата знае да создаде прекрасен мозаик.
Имаше спој на поезија со музика во изведба на Горан Трајковски и Елена Христовска, актерски перформанс, ликовна уметност со Игор Љубовчевски…
Мултимедијалната летна ноќ, свое продолжение преку музика и поезија, но и опфаќање на животот и творештвото на Кочо Рацин , ќе има на 14 септември, исто така во објектот Куршумли Ан, кога ќе настапат и музичарите Глигор Кондовски на виолина и Јован Василевски на пијано.
Програмата ја водеше Оливера Петрушевска (на фотографијата).