петок, декември 20, 2024
домаЖивотРИКАРДО ДИАМИЛА: Луѓето, за жал, ќе продолжат да умираат, но луѓето, за...

РИКАРДО ДИАМИЛА: Луѓето, за жал, ќе продолжат да умираат, но луѓето, за среќа ќе продолжат и да пијат кафе! 

Валентина Ѓоргиевска Парго

Веројатно понудата да следите двочасовна презентација на кафе нема да ви се види толку необична, се додека не го сретнете младиот Рикардо Диамила во „Л’анголо ди кафе“ во Скопје, и не се препуштите на начинот на кој тој во два часа ве внесува во својата магична кафе – приказна. Вие едноставно, од неговите зборови ќе го пиете кафето прикажано од овој шармантен Италијанец.

*Господин Рикардо, неодамна во Скопје одржавте презентација на начини на подготвување на кафе. Она што го пробавме, навистина одлично подготвено кафе. Како дојде до Вашата посета кај нас, сте доаѓале и друг пат? 

-Посетата се роди од потребата на „Caffè Italia“ и желбата на кафулето „Л’анголо ди кафе“ да го зголемат нивото на знаење за кафе и да продолжат со тренингот, кој трае со години. Јас по прв пат дојдов во Скопје, но момците од „Л’анголо ди кафе“ веќе дојдоа неколку пати во Италија на курсеви за обука.

*Нема сомнение, Италијаните се познати по својата култура на пиење кафе, и сакаат да зборуваат за тоа. Јас на пример една од првите “италијански” работи што ги научив уште во мојата младост беше „caffe ristretto“, баш такво и вие ми направивте овој пат. 

-За секој Италијанец, кафето не е само култура, туку и начин на живот. Во последно време направивме чекори наназад во пиењето добро кафе (поради помалку сјајната економија), но во исто време има нови млади луѓе кои се обидуваат да го вратат квалитетот во “филџанот” .

*Сите сакаме да се напиеме убаво кафе, тоа веќе ни е и ритуал дури и по цена на тоа да си го расипеме желудникот, ха, ха. Барам еден кус совет од Вас – во кое време од денот кафето има најдобри ефекти?

-Кафе може да се пие во секое време од денот. Можеби наутро се препорачува нешто со повеќе робуста додека навечер кафе со повеќе aрабика, и со тоа и  пониско ниво на кофеин.

*Кафето е нешто кое не може да се избегне. Зависност или задоволство, што е она што го прави толку привлечно во вкусот и ја создава таа наша приврзаност кон кафето?

-Се разбира, главната супстанција во кафето е кофеинот и понекогаш може да предизвика зависност. Но, кафето е пред се оној момент на одмор и дружење што му е потребен на секој човек.

*Што мислите? Ние со децении повеќе уживаме во моментот на разговарање со некого и мераклиски голтање капка по капка, дали пак сега со новите начини „Coffee to go“ или флаширано кафе ќе стане толку популарно колку пиење кафе во кафуле?

-Не се сомневам дека еспресото ќе остане еден од најупотребуваните методи, но цврсто верувам дека сите други видови екстракција, вклучително и ладно варење, исто така, ќе станат популарни. Новите генерации ќе одат се повеќе во брзање и затоа филтер кафето ќе може да се конзумира. Во англосаксонските земји се пие повеќе филтер кафе отколку еспресо.

*Да позборуваме за Вас. За време на презентацијата ни раскажавте за Вашата  интересна животна и работна приказна, врзана за вашата Италија, Лондон, Јужна Америка. Раскажете ни уште некои детали.

-Како што споменав, почнав да талкам низ светот заради потребата да научам англиски јазик и да го зголемам моето знаење за кафе. Но, мислам дека не завршив на тоа,  ха, ха. Никогаш не престанувате да учите.

*Јужна Америка е царството на кафето таму се одгледува и ние колку и да сакаме овде да посадиме кафе, тоа и да успее како стебло и плод, нема да е со истиот вкус. Зошто да не, “нацртајте ни го” процесот на добивање на кафе, од неговото садење додека се најде во вреќи за продажба? 

-Еве ви фотографија (илустрација).

 

 

 

 

 

 

*Органско кафе, објаснете ни го суштински овој поим.

-Органското кафе е кафе без третман во потеклото (при растењето, производството н.з).

*Колку видови на кафиња има, се знае ли некоја бројка? 

– Постојат многу видови на кафе. Ако зборуваме со подготовка од машина за еспресо, ќе ги споменам капучино, кафе лате, флет вајт, макијато, ристрето итн. Ако зборуваме за други методи за екстракција, ги среќаваме Chemex, V60, Aereopress, колд дрип , френч прес, мока, турско кафе и други.

*Кое е најздраво кафе за конзумирање? Како сами да си го подготвиме на најкорисен и најздрав начин?

-Нема повеќе или помалку здрав тип на кафе. Се зависи од зеленото кафе што го купува пекачот. Кафето може да има повеќе или помалку несакани ефекти и препорачувам да го прочитате светот на “дефектите” во зеленото кафе на Интернет. Купуваме кафе со што е можно помалку “дефекти” .

*Какво кафе ни нудите нам, во Македонија. И зошто токму тоа кафе? 

-Нашето кафе можете да го набавите во „Л’анголо ди кафе“ во Скопје. Нудиме четири различни мешавини и едно потекло: 1. Марко Поло – главно печен медиум арабика, 2. Микеланџело – 60% арабика, 40% робуста средно печено,3. Карузо – 40% робуста, 60% темно печена арабика, 4. Леонардо – преваленца робуста средно печење.

*Имаат ли Македонците добри манири во пиење кафе, што забележавте за време на Вашата посета? 

-Забележав дека културата на пиење добро кафе расте и дека во следните 10 години ќе има вистински бум. Исто така затоа што толку многу луѓе кои заминуваат во странство, а потоа се враќаат, увезуваат нови трендови.

*Не знам дали знаете, кафето кое ние со децении сме го пиеле иако е од Јужна Америка, го нарекуваме “турско”, затоа што Турците го донесле кај нас. Тоа е она кафе кое се подготвува во ѓезве, се служи со локумче, го знаете кое? Со многу талог, црн талог. Некои веруваат дека може и судбина да се претскаже гледајќи во тој талог. Во Италија одамна го нема, можеби само по некои  ориентални кафулиња. 

-Еве, да прочитаме на италијански за историјата на турското кафе на Туркпедија.

*„Ајде на кафе“, е покана која обично ја користиме за секакви средби, деловни пријателски, љубовни… Тоа зборува колку е кафето популарно, кај сите и од сите генерации. Се почнува од кафето. Дури и велиме „сакам да пијам кафе со тој и тој“, ако станува збор за некоја специјална личност. Би прашала, на која возраст најчесто младите почнуваат со пиење кафе?

-Јас лично почнав на возраст од околу 14 години. Во Италија повеќе или помалку, почетоците се на оваа возраст. Запомнете дека кафето содржи кофеин и затоа не е погодно за деца.

*Вие какви кафиња пиете, колку често во денот? 

-Обично пијам еспресо, но кога имам повеќе време претпочитам да подготвам филтер, можеби со V60. Пијам околу 6-7 кафиња дневно.

*За крај, кажете ни некоја мудрост или совет за кафето, некоја мисла од некоја легенда, било што, што би можеле да го запомниме и секогаш да го имаме на ум. 

-За да разбереме  колку е важно кафето, зошто се произведува се повеќе зелено кафе и зошто не можеме без него, секогаш го давам овој пример: „Единствените две работни места што никогаш нема да исчезнат се барменот и погребалното, бидејќи луѓето (за жал) ќе продолжат да умираат, а луѓето (за среќа) ќе продолжат да пијат кафе.“

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ