Денеска е Светскиот ден на тоалетите. Секоја година на 19 ноември се нагласува важноста на санитарните услови и хигиената за подобрување на јавното здравје, родовата еднаквост, образованието, економскиот развој и заштитата на животната средина. Темата за оваа година е „Вреднување на тоалетите“.
Според последниот извештај на СЗО/УНИЦЕФ Заедничка програма за мониторинг (JMP), напредокот во санитарните услови и хигиената е влошен. За 3,6 милијарди луѓе во моментов нема безбедна санитација, а од друга страна јасно е дека нема да има одржлива иднина без тоалети. Владите мора да работат четири пати побрзо за да обезбедат тоалети за сите до 2030 година.
СЗО и УНИЦЕФ ги повикуваат владите и нивните партнери итно да ги трансформираат санитарните услови за подобро здравје, животна средина, економии и општества во извештајот за санитарната состојба во светот. Извештајот ги детектира начините за напредување во рамките на SDG 6 Global Acceleration Framework базирајќи се на најновите податоци, докази и студии на случај.
Новинари за човекови права секоја година го одбележува овој ден со пораки и акции за подигнување на свеста кај граѓаните и локалните власти за важноста од пристапност до тоалетите. И оваа година НЧП најавува герила акција која е закажана за денес во 12 часот во паркот во Мичурин. Од организација информираат дека ке постават инсталација од тоалетна шоља која ќе се обидат да ја направат „уметничко дело“, и која ќе ја дадат на аукција со цел од парите да купат тоалетна хартија за некое од училиштата во општина Аеродром.
„Поставувањето на шољата е метафоричко, со цел да им кажеме на локалните власти дека една тоалетна шоља која не чини повеќе од 2000 денари и не е и не смее да биде оптеретување за општинскиот буџет, треба да биде прироритет подеднакво за сите. Пристапот до јавни тоалети е императив за добро владеење!
Поставувањето пред паркот, пак, говори дека локалните власти мора да постават јавни тоалети пред секој парк, во спротивни пероифериите на парковите стануваат толети на отворено!„- вели Наташа Доковска од Новинари за човекови права.
Само колку за потсетување состојба со санитација во Северна Македонија не е на високо ниво. Фактите го говорат следново:
- Во градовите нема јавни тоалети, или истите се нефункционални
- Само 18% од територијата на Македонија е покриена со канализациона мрежа.
- Во урбаните средини 87% од канализацијата е приклучена до градската мрежа, додека во рурарлните средини 79% од тоалетите немаат пристап до градската канализациона мрежа, односно се со септички јами.
Во светски рамки, пак, 60% од глобалната популација – 3,6 милијарди луѓе – или немаат тоалет дома или е таков што не ги отстранува безбедно фекалиите; 869 милиони луѓе во светот практикуваат дефекација на отворено и немаат никакви објекти за санитација; 1.8 милијарди луѓе користат неподобрени извори на вода за пиење без заштита од контаминација од фекалии; Глобално, 80% од oтпадните води генерирани од општеството, се враќаат во екосистемот без да се третираат или повторно да се користат; Само 39% од светското население (2,9 милијарди луѓе) користат безбедно управувани санитарни услуги, односно екскретите безбедно се складираат на самото место или се третираат на друга локација; Во комбинација со безбедна вода и добра хигиена, подобрената санитација може да спречи околу 842.000 смртни случаи секоја година;
Треба да се има во предвид дека јавното здравје зависи од тоалетите. Лошата санитација ги загадува изворите на вода за пиење, реките, плажите и прехранбените култури, ширејќи смртоносни болести кај поширокото население.
Тоалетите овозможуваат квалитетна здравствена заштита. Присуството на безбедни, чисти, достапни и прифатливи јавни тоалети е основно барање за кое не може да се преговара. Соодветните тоалети го штитат достоинството, спречуваат инфекции кај граѓаните и обезбедуваат квалитетна нега.
Тоалетите исто така придонесуваат за подобрување на родовата еднаквост, образованието, економијата и животната средина. Тоалетите го штитат достоинството, безбедноста и здравјето на жените и девојчињата, особено за време на менструацијата и бременоста. За секој 1 долар инвестиран во основна хигиена се враќаат до 5 долари во заштедени медицински трошоци и зголемена продуктивност, а се отвораат работни места долж целиот синџир на услуги.