среда, декември 18, 2024
домаСпортОстанати спортовиНовак Ѓоковиќ излезе од притвор и имаше прв тренинг во Мелбурн

Новак Ѓоковиќ излезе од притвор и имаше прв тренинг во Мелбурн

Водечкиот светски тенисер Србинот Новак Ѓоковиќ го имаше првиот тренинг во Мелбурн, неколку часа откако ја доби жалбата на одлуката за одбивање на виза во Федералниот окружен суд на Австралија воочи почетокот на Австралија Опен, пренесе Н1.

Ѓоковиќ му се заблагодари на судијата што го ослободи од имиграцискиот притвор, велејќи дека останува фокусиран на неговата борба за рекордниот 21-ви Грен слем.

„Задоволен сум и благодарен што судијата ми го поништи укинувањето на визата“, напиша Ѓоковиќ на Твитер, објавувајќи фотографија на теренот во Род Лејвер Арената во Мелбурн Парк.

„И покрај се што се случи, сакам да останам и да се обидам да се натпреварувам на Австралија Опен“, додаде тој.

Претходно, судијата Ентони Кели го поништи укинувањето на визата и наложи австралиската влада да ги плати судските трошоци и да го ослободи Ѓоковиќ од имиграцискиот притвор во рок од половина час. Судијата рече дека одлуката на владата на тениската ѕвезда да и ја одземе визата за влез во земјата е „неразумна“.

„Новак е слободен и отиде на тренинг“, изјави помладиот брат на Ѓоковиќ, Ѓорѓе, на семејната прес-конференција во Белград.

Семејството на Ѓоковиќ му се заблагодари на австралискиот федерален суд за правичното судење и на сите во Србија, регионот и светот кои застанаа покрај првиот тенисер во светот „за правдата и вистината да излезат на виделина“.

„Ова е негова најголема победа, најголема во кариерата, поголема од сите победи и грен слемови“, изјави мајката на Ѓоковиќ, Дијана.

Интересно е тоа што семејството ја прекина прес-конференцијата откако беше прашано дали Ѓоковиќ се движел заразен. Братот на Новак изјави дека целата документација била доставена до австралиските власти, а потоа ја прекинал конференцијата.

Да додадеме дека одлуката на судијата Кели не значи дека случајот е завршен бидејќи министерот за имиграција, државјанство, услуги за мигранти и мултикултурни прашања Алекс Хок може да ги искористи личните овластувања за да му ја укине визата на Ѓоковиќ.

„Министерот во моментов го разгледува прашањето и процесот е во тек“, рече портпаролот.

Австралија Опен започнува на 17 јануари. Ѓоковиќ го освои турнирот вкупно девет пати.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ