Едукативниот пакет со кој учениците од основните училишта во Република Северна Македонија имаат можност, преку интерактивен пристап да се запознаат со клучните пораки од документарецот „Медена Земја“, вечера вечер беше промовиран во Скопје. Пакетот, наменет за ученици на возраст од 10 до 14 години, се состои од три компоненти осмислени да ја поттикат креативноста: илустрирана сликовница Медена земја, интерактивна игра на со коцки и голема интерактивна игра на табла. Во пилот фазата, едукативниот пакет беше испечатен на македонски, албански и турски јазик и беше дистрибуиран до основните училишта во Брегалничкиот регион.
„Медена земја“ е приказна во која главната хероина Атиџе Муратова пренесува длабока исконска мудрост за односот меѓу човекот и природата. Филмот го гледаа илјадници луѓе ширум светот, но ние сметавме дека овие пораки треба да стигнат и до нашите најмлади, бидејќи од особена важност е нивното образование и воспитување да обезбедат тие да растат во хармонија со природата и да ги почитуваат основните принципи на интеракција со неа – истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на промоцијата, додавајќи дека оваа сторија за последната одгледувачка на диви пчели во Европа нè потсетува дека природните ресурси не се неисцрпни и дека природата ќе се грижи за нас само доколку ние се однесуваме кон неа со почит.
“Во рамки на овој проект креиравме пакет со едукативни материјали и игри во кои се воведени пораките од документариот филм “Медена земја” и истите побудуваат љубопитност, учење и размена на искуства меѓу наставници и ученици, што ќе овозможи унапредување на сопствените вештини за доживотно учење,” рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири, додавајќи дека проектот ја зацврсти соработката помеѓу институциите од јавниот, приватниот и меѓународниот сектор, а тоа пак, како што рече, носи зголемена и споделена одговорност за креирање на услови за промена во образованието.
Во своето обраќање, амбасадорот на Швајцарија во Република Северна Македонија Н.Е. Вероник Улман Марти, се осврна на значењето на документарецот „Медена земја“, кој испраќа моќни пораки, но истовремено нè потсетува што се случува кога не се почитуваат законите на природата.
“Овој филм добро ја илустрира дилемата со која се соочуваат нашите општества: да се најде вистинската рамнотежа помеѓу одржливото користење и управување со природните ресурси, економскиот развој и благосостојбата на луѓето. Швајцарија ја поддржува Република Северна Македонија во обидот да најде начин за решавање на оваа дилема, меѓу другото, преку Програмата за зачувување на природата, која има за цел да покаже како можеме да ја заштитиме природата и да промовираме одржливо управување со природните ресурси, истовремено промовирајќи го економскиот развој” – рече таа.
На настанот свое обраќање имаше и директорот на Бирото за развој на образованието г-дин Зекирија Хасипи, кој се осврна на резултатите од пилот фазата во која беа опфатени улилиштата од Брегалничкиот регион:
“Интересот од наставниците кои беа вклучени во серијата обуки за спроведување на едукативниот процес во образованието беше голем и тоа ни дава за право со задоволство да бидеме оптимисти дека едукативниот пакет успешно ќе се спроведе до учениците како крајни корисници. Бирото за развој на образованието ќе ја следи понатамошната имплементација на едукативниот пакет. Од исклучителна важност за нас е да се најде начин овој едукативен пакет да биде достапен до сите училишта на територијата на целата држава.”
Тим лидерот на Програмата за зачувување на природата, г-ѓа Марјана Шушлевска потсети на големиот успех на документарниот филм „Медена земја“, чија што продукција беше поддржана од Програмата и моќните пораки кои преку главната протагонистка Атиџе го обиколија светот. Според неа, црвената линија веќе ја имаме поминато, притисоците врз природата се големи, а последиците од нејзиното уништување ги чувствуваме постојано.
“На младите, нашата иднина, им престои период полн со предизвици. И токму можноста традиционалното локално знаење за искористување на природните ресурси, како она на Атиџе кое е одличен пример за живот во хармонија со природата, да се доближи до нив преку ваква интерактивна едукативна алатка, е вистинскиот пат како да ги подготвиме да се справат со предизвиците на што е можно посеопфатен, холистички начин” истакна таа.
Содржината на едукативниот пакет, во име на авторите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов ја презентираше Симона Стојановска, координатор на проектот и главен уредник на илустрираната книга. Автори на интерактивните игри во едукативниот пакет се: Александар Микиќ, Самоил Петревски, Владимире Трајчевски и Борис Момиќ.
На настанот учествуваа претставници на министерствата, дипломатските претставништва, меѓународни организации, надлежните институции во Република Северна Македонија на национално и регионално ниво, кои имаа можност да се запознаат со содржината на едукативниот пакет, и уште еднаш да се сретнат со Атиџе и да се потсетат на дел од содржината на документарецот „Медена земја“.
Едукативниот пакет е изработен по заклучок на Влада по нарачка на Министерството за животна средина во соработка со Министерството за образование и Бирото за образование, преку Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП) и Фармахем, а со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).