Во организација на Македонското здружение за култура, обичаи и традиции “Гороцвет”, а по повод божиќните празници, македонскиот сликар и хуманист Живко Поповски – Цветин денес, на празникот Свети Стефан ја продолжи традицијата и подари 21 “Мироносни цвеќиња” на сите новороденчиња во Државна болница.
Поповски своите ликовни подароци ги врачи на главната медицинска сестра, затоа што поради здравствени протоколи не е дозволено да се дојде до бебињата.
Годините наназад, Цветин своите цветни подароци ги даруваше во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар, како и преку Специјалната болница за гинекологија и акушерство “Мајка Тереза” во Скопје.
Претходно, во СБГА “Мајка Тереза”, Чаир, Скопје, каде е роден неговиот внук Андреј, во 2003 година имаше изложба “Цвеќе на радоста, љубовта”, а неколкупати потоа исто така подари свои мироносни цвеќиња во оваа специјална болница.
-Раѓањето на децата јас го поврзувам со Раѓањето на Исус Христос. Од мене добија слика сите деца без оглед на верата на родителите, нѝ изјави уметникот.
Во една прилика, Отец Стефан Санџаковски, покрај другото ќе напише: Маестро Поповски се интересира пред сé за она што е вечно во минливите облици на животот. Заради тоа, статичните белези на неговото сликарство се привидни. Зад него се крие еден динамизам чија природа е внатрешна. Очебиен е напорот на Маестро Поповски да ги врамнотежи духот и материјата, вечното и минливото, Бога и човекот, природата и метафизичкото.
Маестро Живко А. Поповски ја негува убавината на историјата на светот, во цветот. Таа убавина е проникната од Вечната убавина, за која Достоевски бесомнежно сведочеше, дека “ќе го спаси светот”. Оттаму и сликарството на маестро Живко Поповски е иконообразно по мерата од трагањето по изгубеното рамновесие…
Цветни цртежи на 21 новороденче за Божиќ
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!