среда, ноември 20, 2024
домаЖивотСоцијална политикаНа Ало Бушавко - телефон за деца и млади на "Меѓаши" најмногу...

На Ало Бушавко – телефон за деца и млади на “Меѓаши” најмногу јавувања поврзани со менталното здравје на децата

На денешната конференција за медиуми Детската амбасада МЕЃАШИ извести за наодите од работата на тимот на Ало Бушавко телефонот за деца и млади и главните причини за јавувања на телефонот во 2022 година, како и најчесто застапените пријавени проблеми. Овогодинешната конференција е под наслов: Менталното здравје на децата и младите, согласно наодите дека менталното здравје на децата и младите беше најчесто пријавуван проблем на телефонот.
Како што посочија, во текот на 2022 година телефонот за деца и млади „Ало Бушавко“ беше достапен 24 часа секој ден во годината. Како најзастапен проблем со кој беа засегнати децата и младите, беше менталното здравје.
За разлика од претходните неколку години во кои скоро и да немало директни обраќања од деца, оваа година на телефонот 070 390 632 и преку чет опцијата на веб платформата https://alobushavko.mk/ директно ни се обратија 28 деца и млади до 18 години. Ова е значаен податок за нас, особено зашто доминантна причина за јавувањата се поврзани со менталното здравје. Во исто време, ни укажува дека напорите што ги правевме преку промотивните активности во 2022 година, а започнати во 2021 г., допреле и охрабриле определен број деца да ни се обратат директно и поразговараат со нас за работите што ги тиштат или за кои размислуваат. Овој податок исто така ни е важен бидејќи ни покажува дека полека но сигурно „Ало Бушавко“ телефонот станува препознатлив како линија на која децата се ислушани, поддржани и советувани без притоа да се наруши нивната анонимност, приватност и доверба.
Во текот на 2022 година, заклучно со 27 декември, добиени се вкупно 357 повици додека вкупниот број деца и млади кои се опфатени со случаите изнесува 450 (139 машки, 134 женски деца, а за 177 деца не е познат полот). Според возрасната група, најмногу од дојавите се однесувале на деца на возраст од 7 до 9 години. Најголемиот број од децата или 417 живеат во урбана средина, а 291 од вкупниот број јавувачи се Македонци.
Најголем процент од обраќањата – 35% се засегнати со проблеми што влијаат врз менталното здравје на децата. Најчесто, тоа се манифестира преку емоционална вознемиреност поврзана со искуството на лутина или фрустрација. Како главен причинител за ваквата психолошка состојба кај децата во дојавите што ги добивме е односот на родителите што произлегува од бракоразводите, но и интерперсоналните односи во образовниот процес (врсник – врсник, наставник – ученик). Во вкупниот број забележани проблеми категоријата повреди, во која спаѓаат сите видови насилтво, злоупотреба и занемарување, учествува со 25 %. Проблемите од категоријата „семејни односи“ учествуваат со 17% во вкупниот број проблеми. Голем број деца, дури 145 се регистрирани во оваа категорија проблеми, а се однесуваат на проблемот со прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа.
Била обезбедена директна помош или поддршка на случаи во кои се засегнати 88 деца. На 292 деца и млади им се посочени препораки, додека со информации за контакт на соодветна институција беа опфатени 124 деца, потоа 64 деца или млади беа упатени до други организации или институции, а 62 деца се упатени до агенции/институции надлежни за спроведување на законот.
Препораката на Меѓаши се однесува пред сѐ на родителите и наставниот кадар како најблиски до децата, оние кои можат директно да ги забележат симптомите на одреден проблем и директно да реагираат, но уште поважно да превенираат вакви состојби кај децата. Особено препораката е до стручните служби во училиштата, и основните и средните, да посветат поголемо внимание на менталното здравје на децата и да понудат повеќе содржини и активности преку кои ќе се обработуваат теми од важност за менталното здравје. Образовните институции, да водат грижа за атмосферата на безбедност и да нудат програми, активности и содржини преку кои ќе се подигнува свеста за штетните последици од насилството и да градат култура на мир и ненасилство.
Трет по ред проблем според зачестеноста во 2022 година, а прв во изминатите неколку години на Ало Бушавко телефонот за деца и млади се семејните односи. Во 2022 година овој проблем учествува со 17% во вкупниот број проблеми. Ова е алармантна бројка која се повторува низ годините наназад што ни укажува дека треба да се спроведат дополнителни мерки и едукации преку советодавна работа на родителите при нивната разделба. Особено да се обрне поголемо внимание и освестување за штетата што ја прават со нивната конфликтна меѓусебна комуникација, притоа не водејќи сметка за потребата на детето, да ги сака двајцата родители подеднакво.
Целосниот извештај може да го преземете од веб страницата на Првата детска амбасада Меѓаши.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ