четврток, декември 26, 2024
домаЖивотСоцијална политика„Лице в лице“ и Борис Стаменов ја примија наградата „Мето Јовановски“ за...

„Лице в лице“ и Борис Стаменов ја примија наградата „Мето Јовановски“ за 2023

На „Лице в лице“, Платформата посветена на одржливиот развој, социјалната правда, еднаквост, демократија и хуманост, и на Борче Стаменов од Кавадарци, кој собира расипани лаптопи и компјутери и од нив создава нови донирајќи им ги на социјално загрозени семејства, денеска, 10 декември, Меѓународниот ден на човекови права, во Собранието на РМ им беше доделена државната награда „Мето Јовановски“ 2023 – највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права, пренесе МИА.

„Лице в лице“ постои од 2012 година и вклучува повеќе од 150 продавачи на списанието, што е пионерски чекор во социјалното претприемништво во земјава. Се залага за правата на загрозените и за демаргинализирање на групи и поединци и нивно вклучување во општеството, промовирајќи позитивни животни приказни. Списанието, кое се печати на рециклирана хартија, а од 2020 е достапно и во дигитална верзија, прерасна во алатка за застапување и за комуникација при подигнувањето на свеста кај јавноста за општествено важни теми, соопштија оттаму.

Наградата ја прими Маја Раванска, уредничка на списанието, која истакна дека ја креваат свеста и се застапуваат за важни теми како што е правото на работа. За нивните улични продавачи, кои доаѓаат од најранливите општествени групи, рече дека кога пред 11 години првпат почнале во кафулињата на Дебар Маало да го продаваат списанието, се чувствувале рамноправни со оние на кои им го нуделе.

Награда „Мето Јовановски“ му беше врачена и на Борче Стаменов од Кавадарци кој прави нови компјутери од делови од стари и расипани и им ги донира на ученици од социјално загрозени семејства. Првиот компјутер го донирал во декември 2016 година, а неговата мисија беше особено важна во периодот на пандемијата, во период кога МОН објави дека 40 илјади деца се без компјутер за онлајн-настава.

Примајќи ја наградата, Стаменов рече дека Обединетите нации неодамна го прогласија пристапот до интернет за основно човеково право и дека наградата што тој ја добива е и прослава за колективниот напор во „Донирај компјутер“ за надградба на тие човекови права, се додава во соопштението од МИА.

Наградите им ги врачи Александра Цветановска, претседателка на Одборот за доделување на наградата „Мето Јовановски“ за 2023 година. На Меѓународниот ден на човековите права – 10 Декември, таа истакна дека тие се прекршуваат секој ден и дека токму поради тоа луѓето треба да се залагаат за нивна заштита и за борба за еднаквост.

Државната награда „Мето Јовановски“ се доделува на Меѓународниот ден на човековите права 10 Декември. Именувана е по писателот Мето Јовановски (1928-2016), прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права, а потоа и негов почесен претседател.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ