Шестото издание на “Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), ќе се одржи од 18. до 20. јуни, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ). Филмските ентузијасти ќе може да ги проследат најновите филмски остварувања на домашните филмски таленти. Филмската ревија “Златна рамка“ ќе започне традиционално, со свеченото собрание на ДФРМ, по што ќе следува богата тридневна филмска програма.
Во рамки на тридневната фестивалска програма почесни награди ќе им бидат доделени на тројца истакнати филмски професионалци од македонската филмска индустрија:
-Тони Михајловски, истакнат филмски актер: Роден на 30 јуни 1967 г., во Куманово. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Владимир Милчин (1993). Од 1994 до 1999 г. работи во Македонскиот народен театар, а потоа преминува во статусот слободен уметник. Во 2013 г. повторно се враќа во Македонски народен театар – Скопје.
– Владимир Анастасов – Вац, продуцент, ќе ја добие наградата за истакнат филмски автор. Анастасов дипломирал на катедрата за Филм, Театар и ТВ продукција при Факултетот за драмски уметности во Скопје, Македонија. Во декември 2002 година, ја основа продуцентската куќа “Сектор филм“, во чии рамки е продуцент на голем број наградувани филмови, прикажани на меѓународни филмски фестивали.
-Марина Колоска, истакнат филмски работник: Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот камера. Во периодот од 2000 до 2004 година, својот кариерен пат го гради како дел од тимот на Македонската Радио Телевизија (МРТВ). До сега, Колоска била прв асистент на камера на над 60 кратки и играни филмови.
Иницирана како дел од стратешката програма за афирмирање на филмската уметност и домашната продукција, “Златна рамка“ се етаблира како клучен настан за промоција на македонската кинематографија. Примарната цел на фестивалот е транспарентно да ја претстави годишната продукција, а со тоа да го подобри квалитетот на проектите и да генерира интерес кај домашната публика и медиумите. Исто така, оваа филмска ревија нуди платформа за филмските професионалци да разговараат за релевантни прашања и да ги споделат нивните достигнувања. Во текот на следните три дена, „Златна рамка“ ќе служи како енергично место за средба на филмаџиите, актерите и кино ентузијастите.
Присутните може да очекуваат да уживаат во програма со различни долгометражни филмови, кратки и документарни филмови од најновата македонска филмска продукција. “Златна рамка“ ја симболизира основната кинематографска „рамка“, суштинската единица на филмската технологија. Оваа филмска ревија која веќе традиционално се одржува секоја година, продолжува да ги промовира македонските филмски дела и да придонесува за енергичниот културен дијалог што ги надминува лингвистичките и културните граници.
ПРОГРАМА
Долгометражни филмови:
- 18 јуни, 20:30 часот: “Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова, во продукција на “ДНФ филмска продукција“.
- 20 јуни, 20:00 часот: “Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов, во продукција на “Мајнд продукција“.
- 20 јуни, 22:00 часот: “Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски, во продукција на “Лист продукција“.
Краткометражни филмови: На 19 јуни во 18 часот ќе бидат прикажани девет кратки филмови. На програмата се остварувања на режисерите: Александра Кардалевска, Ангела Димеска, Јован Саркањац, Јане Спасиќ, Ѓорче Ставрески, Сандра Георгиева, Сабедин Селмани, Берат Асани, Јане Алтипармаков и Гоце Трајковски.
Документарна програма:
- 18 јуни, 18:00 часот: “Бисер“ во режија на Драган Кумев, “Кумев Бротхерс продукција“.
- 18 јуни, 18:00 часот: “Последниот каубој на Балканот“ во режија на Сабедин Али, во продукција на “Визиони Плус д.о.о.е.л.“.
- 19 јуни, 12:00 часот: “Живот на крстосница“ (Недопирливи) од Зоран Димов, во продукција на “Супер Продукција БТР“ и „Емигрант сум или…“ од Сенад Абдули, “Арнел Продакшн д.о.о.е.л.“.
- 20 јуни, 18:00 часот: “Дневник по многу години“ (Јанsа) во режија Никола Т. Калајџиски, а во продукција на “Контраст Филм“.
Социјална програма „Фокус“: Специјални проекции кои ќе се одржат на 20 јуни во Домот за стари лица “Мајка Тереза“ за публиката која не може да го посети киното “Фросина“.
Дополнителни настани:
- 19 јуни, 20:00 часот: Презентација на филмската камера на “Sony“.
- 20 јуни, 12:00 часот: Трибина на тема “Зачувување на аудиовизуелното наследство“ на која учествуваат експерти како Владимир Ангелов, проф. Владимир Павловски, Игор Старделов и Роберт Јанкуловски.