Со театарската претстава „Безгрешна – Immaculata “ на Словенечкиот народен театар од Марибор вечерва започнува драмската програма на годинешното 64. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Монодрамата на актерката Наташа Матјашец Рошкер ќе се одигра во Предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. Драматизацијата и адаптацијата се на Ливија Пандур и Томаж Пандур, сценографијата на Марко Јапељ, а костимографијата е дело на Лео Кулаш.
Immaculata е жена која е повеќекратно злоупотребувана и погрешно скована во слика, догма, инструмент на верата. Тоа е исповед на жена, избришана од историјата и претворена во слика која служи за воспоставување на насилна религија. Таа бара смисла во раните кои никогаш не можат да зараснат. Марија, мајката на Исус, се обидува да се сети на некои од зборовите, лицата и деловите од приказната во врска со смртта на нејзиниот син. Сеќавајќи се на овие длабоко вознемирувачки настани, Марија смело ги предизвикува сите големи и свети идеи.