среда, декември 4, 2024
домаКУЛТУРАMузика, Опера, БалетБританска вечер на „Охридско лето“ со пијанистот Бери Даглас

Британска вечер на „Охридско лето“ со пијанистот Бери Даглас

Британската вечер  што фестивалот  „Охридско лето“  ја одржува со поддршка на Амбасадата на Велика Британија во Македонија  вечерва ќе донесе концерт на пијанистот Бери Даглас.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Како музичар со рецитали  и камерен музичар Бери Даглас настапува низ целиот свет, во престижни сали како Ројал Алберт Хол, Барбикан и Вигмор Хол во Лондон, на фестивалот во Вербие, во Забранетиот град и во концертната сала во Пекинг, во Големиот театар во Шангај како и во други градови во Кина. Во минатото настапувал со Симфонискиот оркестар на Би-Би-Си, Симфонискиот оркестар на Сингапур и Берлин, Штатскапеле Хале, оркестрите во Синсинати, Сиетл, Мелбурн, Сиднеј, Кралската филхармонија во Ливерпул, филхармонијата во Хонг Конг и др.

Бери Даглас снима за издавачката куќа „Чандос“ и неодамна издаде комплет од  шест компакт-дискови  со комплетните дела за соло пијано на Јоханес Брамс, додека пак сега се фокусира на делата за пијано на Шуберт и Чајковски.  Со оваа издавачка куќа, Даглас особено внимание обрнува на ирската фолк музика низ негови аранжмани работејќи со стари мелодии, но и со дела на современи композитори кои пишуваат во тој идиом.

Во 1999 година Бери Даглас го основа камерниот оркестар Камерата Ирска кој има за цел да ги обедини најталентираните  млади музичари кои живеат во Северна Ирска и Република Ирска. Покрај што овој оркестар се стреми кон високо професионални изведби, меѓу останатото има за цел да промовира дијалог и соработка преку музичкото образование. Редовно настапуваат на турнеи низ целиот свет, а еден од најзначајните настапи е оној на фестивалот Би-Би-Си Промс, како и светската премиера на нова кантата заедно со Лондонскиот симфониски оркестар со цел промоција на изборот на Дери – Лондондери за град на културата во 2013 година.

Во 2021 година е одликуван со Орден  „Командир на Британската империја“ за заслуги во музиката и општеството. Ова одликување доаѓа по неговото прво големо признание во 2002 година кога е одликуван со орденот „Order of the British Empire (OBE) за неговата работа во областа на музиката.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ