Македонските уметници се носат рамо до рамо со светските, а доказ за тоа беше вчерашниот настап на фестивалот „Охридско лето“ на пијанистите Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтијари, и виолинистот Васил Богоевски. Тие настапија на концертот што фестивалот го посвети на големите македонски композитори Томислав Зографски и Стојче Тошевски. Извонредните млади уметници кои своето музичко образование го завршиле со највисоката оцена Кум Лауде музицираа во акустичниот амбиент на катедралната црква „Света Софија“, приредувајќи ѝ на публиката прекрасна вечер, но истовремено славејќи го и огромното творештво на двајцата македонски композитори, Зографски и Тошевски.
Композиторот Зографски е вграден во историјата на фестивалот „Охридско лето“. Покрај другото, тој е и авторот на фестивалската химна без која, не започнува ниту едно фестивалско издание.
-Концертот што се одржа на 9 август оваа година, на 64. „Охридско лето“ е особено значаен од две причини: почитта која ја укажува Фестивалот кон Зографски кој е еден од неговите основоположници од раните педесетти години, кој со група ентузијасти веруваа дека токму во нашиот прекрасен Охрид каде се слушна божествениот глас на Ана Липша Тофовиќ во уникатниот амбиент на црквата „Света Софија“ може трајно да заживее еден фестивал кој ќе ги привлече и афирмира нашите музички и драмски уметници, но и сите уметници и љубителите и почитувачите на уметноста од целиот свет. Годинешниот концерт е особено значаен и затоа што се одржува во неговата јубилејна година, 90 години од раѓањето. И со изведувачи на програмата, врвни млади уметници кои не го запознале лично, ниту како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но го запознале неговото творештво, го слушале, го изведувале и го доживеале, верувам, токму како што би очекувал тој, да го почувствуваат тоа што тој го чувствувал кога ги пишувал тие композиции, вели Панда Зографска Беличанец, сопруга на композиторот Томислав Зографски и директор на Одборот на Фондацијата „Томислав Зографски“, изразувајќи благодарност до музичката селекторка Бисера Чадловска за изборот на програмата и на младите музички уметници, пијанистите Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтијари и виолинистот Васил Богоевски.
Зографска, се сеќава и на учествата и на присуството на композиторот Томислав Зографски на фестивалот „Охридско лето“ кои уредно се архивирани во фондацијата што го носи неговото име.
-Имаше многу изведби на дела од Зографски низ годините, некои и премиерни, со наши и странски камерни и симфониски оркестри, диригенти, наши и странски светски врвни музички уметници, како и млади музичари. Прва изведба на композиција од Зографски изведена на Охридско лето е „Есенски скици“ оп. 25 со оперската дива Марија Мирчов Скаловска и пијанистот Ладислав Палфи на „Концертот на солистите на скопската опера“ одржан на 1 август 1964 година. Вториот концерт кој особено го паметам е во нашето прво заедничко лето, со Македонската филхармонија и маестро Ловро Матачиќ на 31 јули 1965 година. На програмата беше и симфониското дело „Фантазија корале“ оп. 26 од Зографски, прво дело од македонски автор изведено на „Охридско лето“. Бевме заедно и на генералната проба кога имав чест да го запознаам маестро Матачиќ. Зографски особено се грижеше за своето творештво, сочувал податоци, програми, критики, аудио и видео снимки од концерти и културни настани почнувајќи од педесеттите години. Во одделен Дневник, така го нарековме, всушност е неговиот опус, во одделна архива се бројните изведби на Охридско лето. Фондацијата продолжи да ги внесува сите податоци за изведбите и по неговото заминување во 2000 година, раскажува сопругата на големиот македонски композитор Томислав Зографски.
Според неа, планирано е, за 20-годишнината на Фондацијата, во 2026 година да се направи издание, книга со сè што е собрано во архивата.
-Во наведените 1600 концерти на кои сме присуствувале не се вклучени тие од архивата на Зографски и стотици изведби во странство. Вредни податоци за нашите музички уметници, институции, анасамбли, за нашата култура, појаснува Зографска.
Од 2014 година, и најголемата музичко-сценска манифестација во земјава и регионов, фестивалот „Охридско лето“ е прогласен за Почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски“.