Годинашното 64.издание на фестивалот „Охридско лето“ кое забележа рекордна посетеност ќе биде затворено вечерва на Античкиот театар од 21 часот со театарската претстава „Алиса во земјата на стравовите“ од Ева Махковиќ во изведба на Југословенски драмски театар од Белград, Република Србија, а во режија на Александар Поповски, еден од нашите најистакнати режисери со меѓународно реноме.
Над 20 илјади љубители на театарот и музиката беа рекордната публика која ги полнеше фестивалските сцени на кои годинава продефилираа 800 уметници од 24 држави, истакна директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, на денешната завршна прес-конференција додавајќи дека е задржан квалитетот кој е препознатлив за фестивалот во текот на изминатите 64 години.
-Со голема одговорност, но и обврска максимално се вложивме да бидеме добри домаќини на над 800 врвни уметници и докажани театарски куќи од 24 земји. Гледалиштата на Античкиот театар, црквата „Св.Софија“, предворјето на „Св. Софија“, „Долни Сарај“, и Центарот за култура беа исполнети до последно место, а тоа ни дава за право да кажеме дека понудивме квалитет со кој го оправдавме епитетот на препознатлив и единствен фестивал. За повеќето настани се бараше карта повеќе, а бележиме и рекордна посетеност на странската публика, рече Поповиќ.
Изразувајќи благодарност до сите изведувачи кои преку своите настапи докажаа дека сцената на „Охридско лето“ припаѓа само на најдобрите, таа истакна дека за квалитетот на програмата се заслужни и селекторите и тимот на фестивалот.
-Огромна благодарност за Бисера Чадловска и Сања Арсовска, две истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, кои зад себе имаат богата професионална кариера. Благодарност и до тимот на „Охридско лето“, тим кој умее и знае како треба да се работи професионално, знае како да се справи со сите предизвици.Неспорен е фактот дека за вака врвен Фестивал кој е презентер на македонската култура и уметност огромно значење има поддршката од Претседателот на државата кој е и Покровител на Фестивалот, Министерството за култура како институција која финансиски го подржува Фестивалот, Општина Охрид, како и нашите верни спонзори и пријатели. Нивната поддршка претставува пример како треба да се негува и одржува еден фестивал.Големината на Охридско лето е секако заслуга и на поддршката од Амбасадите во Република Северна Македонија. Годинава на мое огромно задоволство имавме 13 дипломатски вечери што секако е доказ дека бележиме успех и во делот на меѓународната размена на уметниците и културата, рече директорката Поповиќ.
Таа додаде дека „Охридско лето“ како дел од Европската Фестивалска Асоцијација ќе продолжи да ги негува високите културни вредности за да го задржи епитетот на високо реномиран европски фестивал.
Режисерот Александар Поповски пак, посочувајќи дека е навистина среќен кога претставите му гостуваат во Охрид како едно од најзначајните места на македонската култура, истакна дека не требаше Скопје да биде град на културата, ами Охрид, “бидејќи ги има сите елементи да биде град на културата“.