среда, септември 18, 2024
домаКУЛТУРАMузика, Опера, БалетКонцерт на пијано дуо Трајческа- Намеш Дулар

Концерт на пијано дуо Трајческа- Намеш Дулар

Во рамките на втората сезона на фестивалот на современа музика „Денови на македонска музика“, кој со есенското издание ја продолжува традицијата што успешно се воспоставува во последните години, во вторник во Пијано центар од 20 часот ќе се одржи концертот на пијано дуото во состав: Јасмина Трајческа (Македонија) и Ловорка Немеш Дулар (Словенија).

На концертот ќе бидат изведени дела за две пијана од реномираните македонски композитори Томислав Зографски (1934–2000) и Стојче Тошевски (1944–2008), со што ќе бидат одбележани два значајни јубилеја: 90 години од раѓањето на Зографски и 80 години од раѓањето на Тошевски. Покрај македонските творби, програмата вклучува и дело на словенечкиот композитор Јанез Матичич (1926–2022).

Овој концерт претставува единствена можност да се доживеат значајни дела од македонската и словенечката музичка традиција, виртуозно изведени од реномирани изведувачи. Концертот ќе го слави богатото музичко творештво на двете држави преку длабоки и впечатливи изведби, кои ќе понудат свеж поглед на делата на овие истакнати композитори.

Јасмина Трајческа ги завршила додипломските и постдипломските студии на ФМУ Скопје, под менторство на проф. Валери Стефановски. Учествувала на мастеркласови кај познати професори како М. Келер, К. Богино и В. Огарков. Добитничка е на бројни награди на меѓународни натпревари, меѓу кои: „Internatonal Piano Competition Giovani Talenti Rovere D’Oro“ (Италија), „Dino Ciani“ (Италија) и „Internatonal Competition Interfest“ (Македонија).

Трајческа има повеќе од две децении активна концертна кариера, настапувајќи на рецитали и фестивали во Словенија, Бугарија, Италија, Франција и други земји. Била гостин на фестивали како „Eurochestries“ во Франција, „Makarska Summer“ во Хрватска, и „Imago Sloveniae“ во Љубљана. Настапувала и на јубилејни концерти во Македонија, меѓу кои „Балканска рапсодија“ и „Словенски воз“.

Трајческа работи како професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.

Ловорка Немеш Дулар е музичарка со широк дијапазон, посветена како на солистичкото, така и на камерното музицирање, педагошката работа и музиколошката активност.

Студирала кај истакнати професори, како Дубравка Томшич Среботњак, Арбо Валдма, Константин Богин и Марина Хорак. Дополнително го усовршила своето знаење кај Леонид Брумберг, Џејкоб Латејнер и други познати имиња. Завршила и студии по музикологија во Љубљана, каде ја продлабочила својата посветеност на современата музика.

Особено ја привлекуваат ретко изведувани и нови музички дела, а нејзината аналитичност и љубопитност ѝ овозможуваат да ја истражува музиката од различни аспекти. Настапувала на бројни фестивали во Словенија и низ Европа, како „Фестивал Љубљана“, „Imago Sloveniae“, „Сараевска зима“ и „Есенски музички свечености“ во Скопје, како и во Естонија, Финска и Италија.

Влезот на концертот на Пијано дуото Трајческа – Немеш Дулар на „Деновите на македонска музика“, е слободен.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ