Повеќе од 2500 деца од 4 до 8 години од оваа учебна година се втурнаа во светот на современите сликовници од новата европска продукција, како дел од проектот „Нашата мала библиотека“. Проектот го реализира издавачката куќа „Прозарт Медиа“ од Скопје, како дел од поголемиот проект што етаблираната издавачка куќа во Словенија – „КУД Содобност“ од Љубљана го реализира веќе 16 години. Од годинава и ние, заедно со уште неколку европски земји (Италија, Естонија, Хрватска, Грција и Полска) станавме дел од големото семејство на овој проект со цел и децата во нашата земја на поинаков, поинтересен начин, заедно со своите воспитувачки и учителки да ја развиваат љубовта кон книгата и читањето.
-„Нашата мала библиотека“ веќе започна да се реализира во повеќе од 20 државни основни училишта и градинки од Скопје, Битола и Прилеп. Со тоа, станува еден од ретките проекти кај нас, што допрел до толку многу деца. Проектот е сеопфатен, се изведува интерактивно, со помош на книги за активности и сликовници, а се применуваат различни методи и активности за да се зголеми љубовта кон книгите, со цел да се едуцира генерација на доживотни читатели. Се надеваме дека на тој начин ја доближуваме книгата до децата – вели Дејан Трајкоски, основач на „Прозарт Медиа“.
Во „Нашата мала библиотека“ се вклучени градинките „Корчагин“,„Орце Николов“ и „Мајски Цвет” од Скопје, како и училиштата: ,,Александар Македонски”, „Браќа Миладиновци“, „Лазо Ангеловски“, „Војдан Чернодрински“, „Петар Поп Арсов”, „Вера Циривири-Трена“, „Јан Амос Коменски“, „Кирил и Методиј“, „Вера Јоциќ“, „Григор Прличев“, „Мирче Ацев“, „Јоаким Крчовски“, како и „Св.Климент Охридски“ и„Стив Наумов“ од Битола, „Гоце Делчев“, „Круме Волнароски-Тополчани“, „Рампо Левката“ и „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп.
Веќе 16 години, проектот „Нашата мала библиотека“ успешно ја поттикнува љубовта кон читањето кај децата од основните училишта и љубовта кон книгата кај децата од предучилишна возраст во Словенија. Проектот е започнат во 2008 година со 2.500 учесници. Во 2014 година проектот се прошири на полски и литвански училишта и градинки, а понатаму и во Хрватска, Естонија и Летонија во 2018 година. Денес како резултат на овој проект, околу 34.000 деца во Словенија активно учествуваат во активностите за читање. Европската комисија на овој проект му го додели насловот „Успешна приказна“, кој исто така во 2021 година доби признание од IBBY Словенија.
Во проектот се вклучени пет сликовници од европски автори – „Каде го најде?“ од Урмас Реинма, илустрации Ула Сар (Естонија), „Господинот Кнедла и едрилицата“ , од Ана Оњихимовска, илустрации Наталија Јаблонска (Полска), „Пе прашува: За раѓањето“ – Силвија Шесто, илустрации Ванда Чижмек (Хрватска), „Одврзи заврзи“ од Еви Герокоста, илустрирана од Костас Маркопулос (Грција), „Буба“, авторка и илустраторка Андреа Пеклар (Словенија). Во текот на целата учебна година, стимулативните активности и бројните наградни задачи дополнително ќе го поттикнат читањето и креативноста.
Децата добиваат тетратки со активности, возбудливи дополнителни активности дизајнирани да го мотивираат читањето на различни начини прилагодени за децата, наградни посети од автори и илустратори. На почетокот на проектот, учесниците добиваат книги за креативност со различни задачи поврзани со темите што се обработувани во избраните книги. Задачите се многу забавни, ја подобруваат креативноста и имагинацијата на детето, барајќи од негова страна детално набљудување и разгледување. Помалите деца, меѓу другите нешта, решаваат квизови, се движат низ лавиринти, готват и се справуваат со разни други задачи. На крајот од секој дел, децата можат да најдат задача со која можат да се натпреваруваат и како награда да добијат книга.
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура, во рамки на Конкурсот за учество во финансирање проекти на правни лица кои се поддржани од програмата Креативна Европа (2021 – 2027) – потпрограма Култура на Европската Унија за 2024 година.
Проектот е одобрен од Министерството за образование и наука – Биро за развој на образованието, и Министерството за труд и социјална политика.