„Во овошјето откривме дека во просек, траги од пестициди биле присутни во 72,6 проценти од анализираните примероци“
Речиси три четвртини од овошјето и повеќе од две петтини од зеленчукот од неорганско производство во Франција содржи траги од пестициди, при што најпогодени се грозјето и целерот, покажа најновиот извештај на француско еколошко здружение.
Примероците на 19 видови овошје и 33 видови зеленчук беа испитани во извештајот на француското еколошко здружение „Generations Futures“, кое води кампања против пестициди и генетски модифицирани организми (ГМО). Во извештајот се користени податоци од Агенцијата за заштита на потрошувачите DGCCRF за периодот од 2012 до 2016 година.
„Кај овошјето откривме дека во просек траги од пестициди се присутни во 72,6 отсто од анализираните примероци,“ се наведува во соопштението на групата, со тоа што во 2,7 отсто од овие случаи, нивниот удел ја надминува горната дозволена граница.
Траги од пестициди, се вели во извештајот, биле пронајдени во 89 проценти од испитаното грозје, а следат клементините и мандарините со 88,4 отсто, и црешите со 87,7 проценти. Кај црешите, во просек, е забележан најголем број случаи со повисоко од дозволеното ниво на траги од пестициди – 6,6 проценти, а следат мангото и папајата со 4,8 проценти.
Во зеленчукот, кај 41,1 проценти од мострите се пронајдени траги од пестициди, со 3,5 проценти такви што имаат повисоки количини од официјалните граници.
Целерот притоа имал највисоки траги на пестициди кои биле пронајдени во 84,6 проценти од анализираните примероци. Следат свежите зачини со 74,5 проценти и ендивијата со 72,7 проценти.
На примерок од свежи зачини, меѓу кои немало магдонос, босилек ниту власец, во 29,4 отсто случаи вредностите биле над границата, со тоа што кај целерот овој процент достигнува 16 отсто.
Податоците на агенцијата DGCCRF вклучуваат само траги на пестициди кои можат да се мерат, што значи дека некои траги од пестициди не влегле во извештајот. „Резултатите всушност ги игнорираат некои од присутните траги“, велат од здружението „Generations Futures“.
Франција е најголемиот производител на храна во Европа, а владата објави планови за намалување на употребата на сите пестициди. Одгледувачите на овошје и зеленчук се залагаат да се воведат посебни ознаки „нула отсто траги од пестициди“ – одвоено од онаа органската – за производи кои содржат до најмногу 0,01 милиграми пестициди по килограм.
Во здружението „Generations Futures“ велат дека таквото решение не е доволно бидејќи, иако нуди гаранции дека не се користени пестициди, не го исклучува загадувањето на животната средина.