понеделник, ноември 18, 2024
домаКУЛТУРАТеатар и ФилмПремиера на претставата „12“ во МНТ посветена на Мирко Попов 

Премиера на претставата „12“ во МНТ посветена на Мирко Попов 

На 20 ноември на големата сцена на МНТ со почеток во 20:00 часот ќе се случи долго очекуваната изведба на претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, работена по мотивите (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз.

Евтимов ја обедини најмоќната машка актерска екипа: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, како и Тања Ивановска (Судија).

Приказната ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги поротниците да ги испитаат сопствените морални вредности.

Одбраната и обвинителството ја завршиле својата работа, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството на сопствениот татко. Она што изгледа како лесна одлука, наскоро станува бура од емоции во која на виделина излегуваат сите мани и предрасуди на поротниците.  Единствениот кој се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8. 

Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото – Мартин Манев, а музиката е на ПМГ Колектив.

Претставата е наменета за возрасна категорија 16+. Таа е посветена на прерано починатиот, наш соработник и пред сѐ голем пријател, Мирко Попов.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ