Пишува: Наташа Доковска
Забраната на ТикТок во Албанија на една година е удар врз демократијата и слободата на изразување. Како корисник на социјални мрежи и човек кој верува во моќта на дигиталниот простор за размена на идеи, оваа одлука ја доживувам како чекор наназад во времето кога контролата врз информациите беше основна алатка на авторитарните режими.
ТикТок не е само платформа за танцување и кратки комични видеа. За многумина, тоа е простор за креативност, за слободно изразување мисли и за дебата на теми што не секогаш наоѓаат место во традиционалните медиуми. Во последните години, ТикТок стана и моќна алатка за граѓански активизам, особено меѓу младите кои преку оваа мрежа успеваат да допрат до поширока публика и да ги отворат темите што навистина значат нешто за нив.
Забраната, наводно донесена од причини поврзани со безбедноста и заштитата на корисниците, отвора многу прашања. Колку е оваа одлука навистина заштитничка, а колку е обид за контрола на информациите и замолчување на одредени гласови? Дали владејачките структури навистина се загрижени за благосостојбата на младите или едноставно сакаат да замолчат критиката која сè погласно одекнува на оваа мрежа?
Како личност која верува во демократските вредности, не можам да го прифатам ова како оправдан чекор. Секоја забрана на платформа за комуникација и изразување е опасен преседан, кој може да води кон уште посериозни ограничувања на слободата на говор. Мене дополнително ме плаши оваа одлука да не се преземе „копи-пест“ од нашите источни соседи?!
Да, ТикТок има свои недостатоци. Приватноста, заштитата на податоци и содржините што се споделуваат мора да бидат предмет на контрола и регулација. Но, решението не лежи во забрани. Решението лежи во едукација, во транспарентност и во создавање на механизми што ќе овозможат безбедно користење на платформата.
Ова не е само прашање на една апликација. Ова е прашање на тоа колку сме подготвени да го одбраниме правото на слободно изразување. Затоа, оваа забрана не треба да се гледа само низ призмата на ТикТок, туку како опасен сигнал за сите нас кои веруваме во слободата како темел на едно демократско општество.