Патувањата носат нови искуства, но и поголема изложеност на вируси, бактерии и други здравствени ризици. Според препораките на лекарите, постојат неколку едноставни навики кои можат значително да ја намалат можноста да се разболите додека сте на пат.
Меѓу најважните препораки е редовното миење или дезинфицирање на рацете, особено по користење јавен превоз, аеродроми и други места со голема фреквенција на луѓе. Лекарите советуваат и редовно чистење на површините што често се допираат, како што се масичките во авиони, потпирачите за раце и мобилните телефони, бидејќи токму тие можат да бидат извор на бактерии и вируси.
Доволниот сон е уште еден клучен фактор. Недостатокот на сон го ослабува имунолошкиот систем и го прави организмот поподложен на инфекции. Затоа лекарите препорачуваат да се одржува редовен режим на спиење дури и за време на патувањата.
Важно е и да се остане хидриран. Пиењето доволно вода помага организмот полесно да се справи со заморот од патувањето и да ги одржи нормалните функции на имунолошкиот систем. Воедно, треба да се внимава на изборот на храна и да се избегнува консумирање сомнителни или недоволно термички обработени производи.
Лекарите советуваат и редовно движење, особено при долги летови или возења. Кратките прошетки и истегнувања ја подобруваат циркулацијата и помагаат телото полесно да се справи со напорот од патувањето.
Дополнително, се препорачува носење основен патнички комплет со лекови, избегнување допирање на лицето со нечисти раце и одржување на добра лична хигиена во текот на целото патување.
Иако не постои гаранција дека целосно ќе се избегнат болестите, овие едноставни мерки можат значително да го намалат ризикот и да придонесат за побезбедно и попријатно патување.
А.Н.

