Македонија падна 17 места според индексот за перцепција на корупцијата на организацијата „Транспаренси интернешнл“, најпознато глобално рангирање од ваков вид, кое е објавено денеска. Македонија со индекс 35 сега е рангирана на 107. место меѓу 180 земји и територии.
Македонија е последна од поранешните југословенски републики, додека Словенија е најдобро пласирана со индекс 62, пред Хрватска со индекс 49, Црна Гора – 46, Србија со индекс 41, и Босна и Херцеговина со 38 поени.
На врвот на листата е Нов Зеланд со резултат од 89, а на дното Сомалија со девет поени.
„Трансперенси интернешнал” оценува дека повеќето земји во светот не постигнале никаков напредок во искоренувањето на корупцијата или дека напредокот е мал. Повеќе од две третини од земјите оваа година имаат индекс помал од 50, додека светскиот просек е 43, но тој лош резултат не е новост.
Неколку земји имаат значително подобри резултати од 2012 година – Велика Британија, Брегот на Слоновата Коска и Сенегал, додека пад е забележан во Австралија, Сирија и Јемен. Подеталната анализа покажува дека новинарите и активистите во корумпираните земји секој ден ги ризикуваат своите животи со укажување на случаите на корупција, наведува „Транспаренси интернешнл“.