САД се првите кои воведоа забрана за користење откако ДипСик (DeepSeek) го претстави Р1, својот модел за вештачка интелигенција, кој покажува способности слични на технологијата на „OpenAI“. Благодарение на софтверот со отворен код, моделот стана достапен за корисниците и развивачите на вештачка интелигенција.
Пораката на американската морнарица беше дистрибуирана преку оперативна листа и јасно забранува користење на вештачката интелигенција на ДипСик за официјални и приватни цели, што вклучува преземање, инсталирање и која било друга примена на моделот. Ова првпат го објави ТВ каналот „Си-ен-би-си“.
Официјален претставник на морнарицата потврди дека директивата е во согласност со политиката на главниот информативен офицер на Министерството за морнарица за генеративна вештачка интелигенција.
Иако сè уште не се регистрирани други официјални забрани, американските официјални лица и законодавци покажуваат зголемена загриженост за кинеската компанија.
Портпаролот на Белата куќа најави дека Националниот совет за безбедност ќе ги испита можните безбедносни импликации од започнувањето на услугите на ДипСик.
Некои американски конгресмени повикаа на мерки за забавување на развојот на кинескиот технолошки стартап, додека претседателот на двопартискиот комитет на Претставничкиот дом за Кина, Џон Мулен, повика на построга контрола на извозот на технологиите клучни за инфраструктурата за вештачка интелигенција на ДипСик.
Канцелариите на американскиот Конгрес се предупредени да не ја користат кинеската апликација за вештачка интелигенција ДипСик, објави американскиот портал „Аксиос“, повикувајќи се на известување испратено до канцелариите од главниот административен службеник на Претставничкиот дом на Конгресот (КАО), пренесува „Танјуг“.
Во известувањето се наведува дека ДипСик моментално е под контрола на КАО.
Појавата на евтин кинески модел на вештачка интелигенција (ВИ) ја загрози доминацијата на пазарот на лидерите со вештачка интелигенција со седиште во САД, како што се „OpenAI“ и „Google’s Alphabet“.
Кинеската компанија за развој на вештачка интелигенција ДипСик објави отворена верзија на својот модел R1, кој привлече големо внимание во Силиконската долина, бидејќи напредниот модел по некои параметри е подобар од американските производи и во исто време е направен по значително пониска цена.