Пекинг објави тарифи за некои американски увозни производи, вклучително сурова нафта, земјоделски машини и течен природен гас, како одмазда за наметнувањето царини од 10% на кинескиот увоз во САД од страна на администрацијата на Трамп.
Иако Трамп допрва треба да разговара со неговиот кинески колега Си Џипинг, мерките беа објавени од кинеското Министерство за финансии и вклучуваат царина од 15 отсто за одредени видови јаглен и течен природен гас и 10 отсто царина за сурова нафта, земјоделски машини, автомобили и камиони со голем капацитет. Како што пренесуваат светските медиуми, тие ќе стапат на сила на 10 февруари.
Претходно Доналд Трамп ја започна својата трговска војна со воведување царини за Кина во вторникот, потег за кој тврди дека ќе ја зајакне американската економија, и покрај предупредувањата дека ќе ги зголеми цените и ќе го намали растот. Канада и Мексико ги избегнаа мерките откако Трамп ги одложи заканите за царини за уште еден месец по разговорите во последен момент.
Трамп претходно рече дека тарифите ќе останат во сила додека двете земји не го запрат протокот на илегални мигранти и дрогата фентанил во САД. Канадските и мексиканските власти тогаш најавија контрамерки, а Трамп рече дека е подготвен на уште поостар одговор. Сепак, по повеќечасовни преговори, Мексико и Канада потврдија дека ќе ја зајакнат граничната безбедност за да го спречат протокот на илегална имиграција и дрога. А.Р.