Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп ја најавува новата платформа за поддршка и промоција на македонската современа драма. Во рамките на 59. издание што ќе се реализира од 6 до 13 јуни, ќе се одржи пичинг-форумот „Драмолетање – подем на македонската современа драма“. Пичингот е наменет за сите драмски автори што сакаат да ги претстават своите дела пред театарски професионалци. Оваа иницијатива има цел да ги поврзе авторите со режисери, продуценти и национални театри, отворајќи простор за нови сценски продукции.
На повикот може да се пријават драмски автори, граѓани на Република Северна Македонија, со оригинално драмско дело што досега не било изведено на сцена.
Секој автор може да се пријави со максимум едно драмско дело.
Апликациите треба да се испратат електронски на dramoletanje@mtf.com.mk со назнака „Пријава за Пичинг-форум – (име и презиме на авторот и наслов на драмата)“, најдоцна до 15 април 2025. Резултатите од повикот ќе бидат објавени на www.mtf.com.mk на 10 мај.
Апликациите ќе бидат оценети од страна на стручна комисија која ќе одбере 6-8 драмски текста врз основа на нивната оригиналност, релевантност и продукциски потенцијал.
-Во време кога македонскиот драмски автор е речиси истиснат од домашната театарска сцена, промоцијата на македонската современа драма се јавува како неминовен и итен чекор што треба да се преземе за да се надмине оваа состојба. МТФ „Војдан Чернодрински“ ја препознава ваквата потреба и во рамките на својата програма, оваа година ја воведува иницијативата „Драмолетање“ со цел да им овозможи на новите и афирмирани драмски автори да ги претстават своите дела пред режисери, продуценти и директори на театри и на тој начин да се поттикне нивната продукција и изведба. „Драмолетање“ е простор за афирмација на македонската драматика создаден за да промовира нови македонски драмски автори и дела, да ги поврзе авторите со режисери, продуценти и театри и да поттикне нови сценски продукции. Со други зборови − да создаде една активна заедница на театарски професионалци – вели Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.
Форумот ќе се одвива низ неколку фази. Најпрво, преку отворен повик за пријавување ќе се одберат шест до осум драмски текста чија селекција стручната комисија ќе ја прави врз основа на нивната оригиналност, релевантност и продукциска вредност. Понатаму, предвиден е период на подготовка, односно избраните автори ќе имаат можност да учествуваат во работилници со ментори, каде што ќе учат како да ја подготват својата презентација и да го подобрат својот текст. Авторите ќе го претстават своето дело пред стручна публика, а по презентацијата ќе следува Q&A сесија. Сите претставени драми ќе бидат објавени во дигитален каталог, а најперспективните автори може да бидат повикани на идни работилници или драмски читања.
-Со „Драмолетање“, МТФ „Војдан Чернодрински“ не само што отвора простор за новите драмски гласови туку и создава динамична платформа што може да ја обликува иднината на македонскиот театар. Оваа иницијатива е повеќе од обичен повик за текстови – таа е поттик за создавање и можност за вмрежување. Ако драмскиот текст е основата врз која се градат моќни претстави, тогаш „Драмолетање“ е лет што треба да го врати македонскиот драмски автор на заслуженото место – на македонската театарска сцена – вели Стојаноска.
За условите за пријавување, прочитајте повеќе на линкот ТУКА. Т.Р.