домаКолумни„Аман бе пак ти?“ – Институциите што ја убиваат жената пред да...

„Аман бе пак ти?“ – Институциите што ја убиваат жената пред да ја убие мажот

Пишува: Наташа Доковска

„Аман бе пак ти?“ – тоа била реакцијата на полицијата секогаш кога жената од Шуто Оризари, која вчера беше брутално убиена од својот сопруг, се осмелила да побара помош. Со модринки, со страв, со надеж дека ќе ја заштитат. Но, наместо заштита – омаловажување. Наместо интервенција – враќање во пеколот. Наместо правда – мртво тело во вестите.

И сега што? Ќе броиме уште една жртва? Ќе објавиме соопштение? Ќе се сетат институциите да формираат некоја „работна група“ или „комисија за анализа“? А што со полицаецот што рекол „аман бе пак ти“? Ќе одговара ли тој за соучество во убиство? Ќе одговара ли социјалниот работник кој не реагирал? Или обвинителот кој не покренал постапка по претходните пријави?

Насилството врз жените не е „семејна кавга“, не е „љубовна драма“, не е „минлив бес“. Насилството е злосторство. А институционалното молчење и неработење е соучество во злосторството.

Жената од Шуто Оризари не е исклучок. Таа е дел од долга листа на жени кои молеле за помош, но биле терани дома – кај џелатот. Додека не се случи најлошото. А тогаш сите ќе се чудиме: „Како било можно? Зошто никој не реагирал?“

Срамно е што во 21 век, во една држава што се нарекува демократска, жената треба да биде претепана до смрт за некој да сфати дека проблемот е реален. Не е доволно да се носат закони – треба да се спроведуваат. Не е доволно да се има Центар за жртви – треба да функционира. Не е доволно да се вработат лица во социјалните служби – треба да се обучат и да реагираат.

Секој полицаец, секој социјален работник, секој обвинител кој свесно ја враќа жената кај насилникот, кој не постапува, кој вели „аман бе пак ти“ – станува соизвршител. И треба да одговара.

Ќе го кажеме уште еднаш, гласно и јасно: институциите кои не постапуваат – убиваат!

Ќе го повториме додека не се срамите, додека не ве тресе одговорност, додека не станете човечки битија наместо бирократски фосили.

Овој пат не е доволно да ја жалиме жртвата. Овој пат бараме одговорност. Бараме правда. И бараме систем што нема да рече „аман бе пак ти“, туку ќе рече: „тука сме, те штитиме.“

Додека не го добиеме тоа, секоја жена е потенцијална жртва. Сите ние сме следните.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ