Народно позориште на 22 мај во 20:00 часот во МНТ ќе ја одигра втората претстава – „Селска опера“, од авторот Д. Бенедек-П. Бела, во режија на Андраш Урбан, а драматург е Ведрана Божиновиќ.
Во претставата покрај актерите кои играат: Сањин Арнаутовиќ, Амра Капиџиќ, Алдин Омеровиќ, Санела Крсмановиќ-Бистривода, Сара Сексан, Ведрана Божиновиќ, Мирвад Куриќ, Санин Милавиќ и Мак Ченгиќ, е и музичкиот состав: Фауд Шетиќ – чембало, корепетитор и диригент, Амар Беширевиќ – виолина I, Ајнија Гермиќ – виолина II, Сара Касап – виолина III и Растко Зечевиќ – контрабас.
Една од најголемите маки во креативниот процес е да се напише режисерска белешка – вели режисерот на претставата. Од една страна, човекот мисли дека делата зборуваат самите за себе, а не она што е околу нив. Од друга страна, станува смешно и иритантно кога гледачите — а сега главно мислам на стручната публика — пишуваат свои мисли споредувајќи ги вашите зборови и изјави со она што го виделе. Тие две работи воопшто не се во такво сродство. Ако театарот нуди маркетиншки текст, можеби е подобро да се фокусирате на она што сте го виделе, а не дали и во која мера го наоѓате она што е напишано за претставите.
Секогаш зборувам за човекот, за општеството, за нашите животи. Од една страна, тоа е така. Од друга страна, се занимавам со некои театарски прашања, прашања за изведбите, артикулацијата и создавањето на некој специфичен свет. „Селска опера“, како музичко-сценско дело, е заснована врз унгарскиот мелос, со својствено самоуништувачко страдање над светот, кое во оваа претстава се трансформира во универзален фолклорен израз и етничко лудило. Урбан вели дека „сите стануваме Унгарци – се радуваме со плачење, тагуваме со смеење“.
Бела Пинтер е еден од ретките независни творци кои успеале да преживеат и во новите услови, кога унгарската независна сцена е речиси збришана. Неговиот театар продолжува да функционира благодарение на поддршката од публиката, а билетите за неговите претстави се распродаваат со неверојатна брзина. Критичен е и поетичен.
„Селска опера“ претставува бласфемија кон операта и кон квазисериозната уметност, но во исто време ја истражува суштината на универзалните вредности, исто како што тоа го прави големата уметност. Ова дело испраќа силна порака во време кога етничкото се претставува како есенција на националниот идентитет, а националниот или верскиот идентитет како врховна вредност, само тоа го прави на свој начин, слободоумен и немистификуван, кажувајќи ја вистината, смеејќи се на другите и на себе. Дали сме лицемерни? Дали нашето општество е лицемерно? Да. Ги криеме ли гревовите од минатото? Ги криеме. Дали ги оптоваруваме сите идни генерации? Да. Дали се мразиме? Мразиме. Дали сме несреќни? Да. Дали е проблем да зборуваме за нашата несреќа? Проблем е. Дали нашето општество, влада, политика, државна и општествена инфраструктура се промискуитетни, инцестоидни? Да. Кога гледаме на сѐ околу нас и се соочуваме со нештата, дали на врв на јазик ни доаѓа реченицата: „Мајко, мила мајко, зошто ме роди?“ Да, ни доаѓа.
Во авторскиот тим се потпишуваат: Кристијан Гергеје – кореограф, Адиса Ватреш-Селимовиќ – сценограф и костимограф, Лејла Јусиќ – музичка соработничка за подготовка на актерите, Моамер Шаковиќ – дизајнер на светло, Вранко Векиќ дизајнер на плакат и Велија Хасанбеговиќ – фотограф.
Времетраење на претставата: 70 минути.
Билетите се достапни на билетарницата во МНТ и онлајн.
- Партер: 700 денари (онлајн и на билетарница)
- Прва галерија: 500 денари (само на билетарница)
- Втора галерија: 500 денари (само на билетарница)

