За печатените и печените медиуми

0
200
Пишува: Филип Спировски

Што ќе читам весници за џабе, брат ми чита – тој ќе ми раскаже!

Filip Spirovski_1Ова беше позната изјава на еден боем (во последно време секоја континуирана пијаница љубиме да ја нарекуваме боем), во време кога немаше интернет и кога пишаниот збор значеше, се вреднуваше, се мереше и се премеруваше. Сега живееме во време на интернет. Можноста за двонасочна комуникација е придобивка на стратешкото комуницирање. Ова најмногу треба да го користат медиумите. А тие се одликуваат со (најблаго кажано) мрзливост.

Баба ми, додека беше жива, постојано ја споредуваше вистината со тоа што го кажале на телевизија. За неа телевизорот беше закон, устав, правда и единствена вистина. Претпоставувам дека пред да се појави телевизорот тоа било радиото. На ниво на односи со јавност, пропагандистичкото обраќање, или еднонасочната комуникација е обележје на недемократските, диктаторски и рудиментирани форми на комуникација.

Но, најновите примери на употреба на комуникацијата преку телевизор визави интернетот на пример, покажуваат невидено, дури би рекол ревносно, придржување на еднонасочната комуникација. Ова, пренесено на дневно политичките теми пренесени преку тв, а од страна на досега најнапредната партија во научно комуникациска смисла – вемеро, бара потреба од објаснување.

Имено, слободните медиуми во Македонија во своите информативни емисии – вести, пренесуваат пораки, деманти или обраќања од вемерето, врвно продукциски, аналитички и комуникациски подготвени. Очигледно несвесни за постапките (за жал повеќето уредници се се уште недоволно едуцирани, а другие се политички поставени) изнесуваат пропаганда и го одржуваат огнот на фашо-шизо-вмро-мвровското време минативе 10 години.

Па така, говорникот од белиот двор, пред два студиски (вградени) микрофони, чита соопштение движејќи ја главата лево-десно, небаре има публика од 200 – 300 новинари, репортери, гости и поддржувачи. Соопштенијата од партијата пренесени на овој аудио-визуелен начин добиваат на тежина многу повеќе од сувопрно прочитано коминике. Ова видено со очите на баба ми, значи вистина, има тежина и голема веројатност дека ќе помине.

За мрзеливите уредници на телевизиите (тука со задоволство ќе ги споменам 24 и Телма), овој начин на соопштенија е кец на десет – за сечи лепи папагализмот познат кај Канал 5, Алфа и Шутел –читај сител. Без мака секундите предвидени за „балансирано“ информирање се прикажани со едноставни копи пасте команди.

Па добро бе мајкуму, до кога треба да се убедуваме: дека треба да се заработи платата, дека се што е лесно е сомнително, дека не треба да примаш подарок од Грците… Елем, баба ми беше неписмена, ама печеше најубави пити и колачи. Очигледно неписменоста во Македонија сеуште е најголемиот проблем, веднаш после мрзеливоста и инертноста.

Прашање за дома: Дали Доналд Трамп стана прв човек во светот на политиката со помош на телевизијата или на интернетот?