Пишува: Наташа Доковска
Во Дурачка Река има една воденица. Не онаа старата што мелела жито, туку модерна верзија – кафеана со симболично име „Воденица 3“. А таму, според она што го доживеав, не се мелат само скара и салати, туку понекогаш и закони, институции и здрав разум.
Приказната почнува сосема обично. Седнуваш, нарачуваш, јадеш и бараш сметка. На вратата пишува дека се примаат платежни картички. Но кога доаѓа време за плаќање, картичката магично престанува да постои како опција. Само кеш.
Фискална сметка? Не баш. Наместо тоа добиваш едно скромно ливче со нарачката, како потсетник што си јадел, но не и како доказ дека прометот ќе заврши таму каде што треба.
И тука нормалниот граѓанин се прашува: дали јас сум во ресторан или во временска машина што ме вратила во деведесеттите?
Според локални муабети, кои не можам ниту да ги потврдам ниту да ги демантирам, објектот наводно се поврзува со луѓе блиски до локалната власт. Во малите места ваквите приказни кружат побрзо од оптички интернет. Дали се точни или не, нека утврдат институциите.
Но проблемот не е во муабетите.
Проблемот е што сите околу тебе веднаш почнуваат да шепотат: „Остави, не се расправај. Знаеш чии се.“
Тоа е најстрашната реченица во Македонија.
Не „немаме пари“.
Не „немаме закони“.
Туку: „Знаеш чии се.“
Во тој момент државата престанува да биде држава и станува феудален посед во кој секој локален моќник има свој мал кнежевски двор.
Кога одбив да прифатам дека така треба да функционираат работите, ситуацијата стана непријатна. Следуваа закани, тензии и расправии кои никако не би требало да бидат дел од едно обично барање за законско плаќање и сметка.
За среќа, полицијата која интервенираше беше коректна и професионална. Луѓето на терен ја завршија својата работа онака како што треба. Но токму тоа ја покажува другата страна на проблемот – колкав притисок понекогаш трпат и самите институции кога треба да постапуваат во средини каде што сите се познаваат, сите се нечии и сите имаат некаков телефонски број што може да се сврти.
Па така, наместо случајот едноставно да се реши според закон, почнува добро познатата балканска дисциплина: смирување на ситуацијата. Да не се замери никој. Да не се крене прашина. Да не се налутат господата.
И така со години.
Малку по малку.
Ливче наместо фискална.
Кеш наместо картичка.
Телефон наместо закон.
Врска наместо институција.
Страв наместо правда.
А потоа сите се чудиме зошто младите си заминуваат.
Не заминуваат затоа што нема планини, реки и убави кафеани. Имаме и од тоа повеќе од доволно.
Заминуваат затоа што се уморни од чувството дека некои луѓе се еднакви пред законот, а некои се малку поеднакви.
И додека се занимаваме со големите криминалци од насловните страници, можеби треба повеќе да внимаваме на малите локални шерифи. Не затоа што се помоќни, туку затоа што секојдневно нѐ убедуваат дека отпорот е бесмислен.
А токму тогаш воденицата почнува да ја меле државата.

