Вашиот телефон содржи огромна количина лични податоци – пораки, фотографии, локација – како и микрофон и камера кои апликациите можат да ги користат во позадина без ваша директна согласност. На iPhone постои функција App Privacy Report, која ви овозможува да проверите кои апликации во последните седум дена имале пристап до камерата, микрофонот или вашите информации.
Оваа опција е стандардно исклучена, па лесно може да ја пропуштите. Кога ќе ја активирате, iPhone почнува да ги бележи сите пристапи до податоците и сензорите, но не и ретроактивно. За да ја вклучите, одете во Подесувања > Приватност и безбедност > App Privacy Report и допрете ја опцијата за активирање. Во истиот мени можете и да ја исклучите, но тогаш сите досегашни податоци ќе бидат избришани.
Откако ќе биде вклучена, извештајот ќе регистрира секој пристап до камерата, микрофонот, локацијата, контактите и други податоци. Во делот Data & Sensor Access ќе најдете точен список на апликации и времето на пристап. Нормално е, на пример, Instagram да ја користи камерата кога правите фотографија, WhatsApp да го користи микрофонот за гласовни пораки, или Google Maps да ја користи вашата локација.
Но, ако забележите дека некоја апликација користи камера или микрофон во моменти кога не сте ја користеле, тоа може да биде знак за шпиунирање. Особено внимавајте на апликации со мал број преземања и рецензии, бидејќи кај нив ризикот е поголем. Доколку се сомневате на злоупотреба, можете да ѝ го одземете пристапот до одредени сензори преку Подесувањата, а најсигурната опција е целосно да ја избришете апликацијата од уредот.
За уште поголема приватност, iPhone нуди и функција Safety Check, каде брзо можете да проверите со кого ги споделувате вашите податоци – вклучувајќи локација, фото-албуми или пристап до микрофон. Таму можете сè да промените со еден потег, а опцијата Emergency Reset веднаш го прекинува секое споделување.


