Легендарниот бенд Битлси повторно ја буди возбудата кај милионите обожаватели низ светот. Во ноември ќе биде објавена новата колекција „Free As A Bird: Антологија 4“, која ќе содржи досега необјавени демо-снимки, студиски материјали и ретки песни, како и ремиксувани и проширени аудио и видео изданија.
Веста првично беше навестена преку официјалните канали на Битлси на социјалните мрежи, како и преку објави на Сер Пол Мекартни. Фановите добија мистериозни фотографии со броеви од еден до четири, што го најавуваше четвртото продолжение на култната „Антологија“.
„Антологија 4“ ќе донесе 13 демо-снимки и студиски сесии што досега не биле достапни за јавноста. Најавено е дека сетот ќе брои вкупно 191 песна, а во него ќе се најдат и нови ремиксови на култните „Free As A Bird“ и „Real Love“ – создадени со вокалите на Џон Ленон и продуцирани од Џеф Лин, фронтменот на „Electric Light Orchestra“.
Иако сè уште не е позната целосната листа на песни, она што е сигурно е дека љубителите на Битлси ќе добијат ново музичко богатство кое ќе ги надополни првите три антологии објавени во 1995 и 1996 година.
Покрај музичкото издание, документарната серија и книгата „Антологија на Битлси“ ќе бидат целосно ремастерирани и наскоро достапни на Disney+ под наслов „Приказната за Битлси, со нивни зборови“. Новото издание ќе вклучува и деветта, досега необјавена епизода, со уникатни снимки зад кулисите со Пол, Џорџ Харисон и Ринго Стар за време на подготовките на претходните антологии.
Синот на легендарниот продуцент Џорџ Мартин – Џајлс Мартин – ги ремастерирал сите три постојни изданија, кои заедно со „Антологија 4“ ќе бидат објавени во специјален бокс-сет.
Ова ново издание следи по големиот успех од 2023 година, кога Битлси повторно се најдоа на врвот на топ-листите со нивната „последна песна“ „Now And Then“, создадена со помош на вештачка интелигенција за да се издвојат Леноновите вокали од стар демо-снимок.
Бокс-сетот не само што ќе ги обедини четирите антологии, туку ќе содржи и оригинални белешки од првите три изданија, како и нови белешки за „Антологија 4“, подготвени од авторот Кевин Хаулет. Дополнително, ќе биде вклучен и вовед составен од интервјуа со блискиот пријател и советник на Битлси, Дерек Тејлор, снимен во 1996 година.
Со 18 синглови број еден и 15 албуми број еден во Велика Британија, Битлси остануваат најпродаваниот бенд во историјата. Сега, повеќе од шест децении од нивното формирање, нивното наследство не само што опстојува, туку и постојано се обновува.
Како дополнителна најава за љубителите на музиката и филмот, се работи и на четири биографски филма – секој член на бендот ќе добие сопствена приказна што ќе ја осветли неговата страна на историјата на групата што го смени светот.
За многумина, ова ќе биде ретка можност повторно да се почувствува магијата на Битлси – бенд чија музика не само што ја дефинираше својата ера, туку и трајно го обликуваше модерниот звук.
Ф.С.


