домаКолумниДраги ВМРОовци, опуштете се – туѓите внатрешни работи не се ваши спортски...

Драги ВМРОовци, опуштете се – туѓите внатрешни работи не се ваши спортски реквизити

Драги мои ВМРОовци,

Со целото почитување што го немам, морам да ви се обратам. Не од политичка потреба, туку од чиста човечка желба да ви објаснам една едноставна, скоро биолошка вистина: внатрешните работи на СДСМ не се ваши внатрешни работи. Знам, тешко е. Тешко е кога целата политичка стратегија ви се сведува на опсесија со тоа што се случува кај другиот. Како сосед што ги тресе завесите кога слуша караници од спротивниот стан — со едно уво на телевизор, со друго на туѓиот живот.

Да, да, баш тоа сте.

Затоа еве мал курс по политичка етика, сосема бесплатен:

1. Туѓа партија не е ваш playstation. Не можете да вклучите контролер и да одлучувате кој ќе им биде претседател, генерален секретар, или кој ќе се кара со кого. Тоа што сте навикнати на партиски централизам кај вас, не значи дека таму играте исто.

2. Демократијата не е reality show за ваше уживање. СДСМ си ги решава своите внатрепартиски недоразбирања. Понекогаш успешно, понекогаш катастрофално – како и кај секоја политичка организација. Но тоа не е распродажба на влезници за да можете вие од прв ред да коментирате кој со кого, колку и зошто.

3. „Голема загриженост“ е новиот регионален спорт. Колку само е трогателно кога излегувате на прес и со сериозни фаци читате од хартија: „СДСМ мора да се стабилизира за доброто на државата!“ Ах, благодарам. Толку емпатија не сум видела од времето кога некој ми држеше врата отворена во маркет со празнични гужви.

4. Ако навистина ве интересира државата, средете си ги сопствените редови. Затоа што додека сте толку фокусирани на туѓите состаноци, одлуки и кадровски комбинации, вашите луѓе прават спектакли што ни Netflix не би ги одобрил како реални. Едно око ви е во СДСМ, другото во евро-обврзници, а трето… па, трето нема — и затоа ви се случува што ви се случува.

5. На крај, еден пријателски совет: Не е здраво човек да биде толку опседнат со туѓи проблеми. Се развива нервоза, притисок, па дури и политички халуцинации: „СДСМ ни е виновен за сѐ“, „СДСМ сами не можат“, „СДСМ треба вака, треба онака“…

Смирете се. Дишете. Можеби направете мал дигитален детокс – барем три дена без споменување на СДСМ. Ќе ви биде подобро. Ќе им биде подобро и на граѓаните. Затоа, драги ВМРОовци, еднаш засекогаш: туѓите внатрешни работи не се ваши играчки. Вашиот фокус на туѓиот хаос не го средува вашиот. А кога ќе научите да се занимавате со себе – тогаш можеби политичкиот живот ќе има некаква шанса за нормалност. До тогаш, со среќа во редовната програма: „Што прави СДСМ денес?“

Наташа Доковска

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ